На добриот работник му ја вадат душата

Најновите истражувања покажуваат дека секогаш кога ќе згусти, луѓето ѝ се обраќаат на личноста за која веруваат дека е најспособна за решавањето на проблемите, како на работа, така и во животот.

Тимот истражувачи од универзитетот Дјук во Џорџија и универзитетот во Колорадо, истражувале како колегите и надредените ги доживуваат екстремно квалитетните работници и како тие луѓе се чувствуваат во моментите кога се поплавени од работни обврски, од сите страни. Дошле до заклучок дека таквите работници не се воодушевени од динамиката на таквата работа.

Главниот проблем лежи во покажувањето самоконтрола. Ако работникот покаже повисоко ниво на самоконтрола, поголема е веројатноста дека на работното место ќе му бидат доделувани повеќе работни задачи отколку на работниците кои во споредба со него покажуваат послаба самоконтрола. Предрасудите кои важат во овој случај се дека лицата со поголемо ниво на самоконтрола подобро ја завршуваат работата.

Со посебен експеримент, истражувачите докажале дека на таквите работници не само што им се доделува повеќе работа, туку количината на работни обврски што тие треба да ја извршат за да ја завршат доделената работа е огромна.

Во другиот дел од истражувањето, научниците се фокусирале на тоа како овие луѓе функционираат во приватниот живот. Резултатите велат дека нивните надредени воопшто не се свесни за големината на товарот што им го наметнуваат на најдобрите работници, колку тоа им претставува потешкотија и колку всушност се тие несреќни што мораат да работат повеќе од другите колеги.

Истражувањето било насочено и кон паровите, при што се покажало дека амбициозните луѓе се многу несреќни што не поминуваат повеќе време дома со партнерите. Востановено е и дека луѓето со повеќе самоконтрола помалку се жалат, но тоа не значи дека немаат на што.

Логично е сите да се ослонуваат на компетентните луѓе, но работодавачите и колегите треба добро да размислат за тоа колку работа всушност е премногу за еден човек и колку стрес проживуваат луѓето кои се преоптоварени со работа. Во пракса, решението би било на таквите луѓе да им се даде соодветна награда со која јасно би им се покажало дека нивната работа навистина се цени – награда која не секогаш подразбира пари.

- Реклама -