Добри луѓе со селективна меморија

marilyn_monroe_bad_angel_by_pave65-d8u68nz[1]

Гордите и среќни моменти во нашите животи стануваат ценети спомени кои се чуваат во добра состојба во нашите глави и на кои повремено се потсетуваме кога имаме потреба за самомотивација, на пример. Ама неретко, нашиот мозок знае да прочачка по мемориите на не баш пријатни настани, како моментите на слабост кога сме препишувале на тест или сме украле бонбона од продавница, и да ги измени без наше знаење, дури и до степен кога не можеме повеќе јасно да се сетиме на настанот.

Собирајќи податоци од серија од девет експерименти во кои учествувале 2109 испитаници, една нова студија покажува дека нашите мозоци актвино ги заматуваат и „фрлаат во канта“ спомените од нашите сопствени недела, за да ја избегнат нескладноста на нашите акции со нашите морални вредности. Ова ментално „чистење“ ни помага да одржуваме позитивна слика за самите себе и да го избегнеме немирот.

„Бидејќи моралноста е толку фундаментален дел од човековата егзистенција, луѓето имаат силна потреба да гледаат самите на себе и да бидат гледани од другите како морални индивидуи“, пишуваат авторите. Но со оглед на тоа што лажењето, мамењето и крадењето се толку чести појави, користењето на неетичка амнезија „може да објасни зошто обичните, добри луѓе одново и одново се впуштаат во неетичко однесување, но и како се дистанцираат себеси од таквото однесување со текот на времето“.

Луѓето имаат повеќе методи за да се помират со своите престапи. Можат да најдат оправдувања за своите недела, можат да ги дехуманизираат жртвите на своите грешки и да ги „виткаат“ моралните правила за да ги усогласат направените недела со сопствените вредности. Сепак, простото заборавање на овие негативни постапки е наједноставната стратегија.

Во 9-те експерименти, истражувачите се обиделе да ги споредат мемориите од етичките и неетичките постапки на испитаниците, и да разберат како овие спомени влијаат на луѓето, колку добро се зачувани спомените по одредено време и како можат да влијаат на понатамошното однесување.

Во првиот експеримент, научниците прашале 400 партиципанти да напишат за минати неетички, етички, позитивни, негативни и неутрални искуства, со цел да оценат колку јасно се сеќаваат на тие искуства. Мемориите од неетичките дела се покажале како помалку јасни од мемориите од другите категории. Потоа, научниците прашале 343 партиципанти да се сетат не само на своите минати етички и неетички постапки, туку и на тие на другите луѓе. Испитаниците повторно имале потешкотии да се сетат на своите неетички постапки, но подеднакво добро се сеќавале на добрите и лошите постапки на другите.

Во третиот експеримент, 70 партиципанти играле игра со фрлање на паричка, во која можеле лесно да измамат за да освојат пари. 42% од испитаниците кои мамеле, имале побледи сеќавања од играта, две недели подоцна, за разлика од нивните чесни колеги. Но, измамнициве добро се сеќавале на тоа што имале за вечера на таа иста ноќ, подеднакво добро како и тие што не мамеле во играта.

Слично, во четвртиот експеримент, 194 испитаници читале наратив околу мамењето. На дел од нив им било речено да се стават себеси во кожата на измамникот, додека на другите – да го читаат текстот од перспектива на трето лице. Читачите што се поистоветиле со измамникот, 4 дена подоцна имале потешкотии да се сетат на приказната, за разлика од тие што ја читале во трето лице.

Следно, истражувачите сакале да разберат како спомените на злите постапки се менуваат
со текот на времето. Во експериментите 5 (257 лица) и 6 (88 лица), субјектите повторно читале наратив со неетички дела во прво лице. 30 минути подоцна, нивните сеќавања од приказната биле солидни, но избледувале 4 дена подоцна, и повторно по една недела подоцна, соодветно.

Во последните три експерименти, партиципантите одново играле игри во кои можеле да мамат – или да лажат за своите предвидувања околу тоа на која страна ќе падне паричката или околу тоа колку зборови составиле во играта со зборови Scramble. Во игрите кои истражувачите ги направиле лесни за мамење, испитаниците изјавиле дека се чувствуваат неудобно и/или засрамено. Сепак, овие чувства исчезнале неколку дена подоцна, како и дел од сеќавањата на игрите.

Во последниот експеримент, испитаниците играле секвенца од повеќе игри. Кај „илеџиите“ од првите игри постоела поголема тенденција да заборават на своето мамење во првата игра и пак да мамат во втората, за разлика од тие што играле фер.

Податоците од сите овие експерименти, велат авторите, „истакнуваат важна последица на нечесноста: замачкување на меморијата на индивуаата со тек на времето, заради психолошкиот немир и дискомфорт што е последица на неетичките постапки“.

- Реклама -