Јужноафриканската штафета 4х400 метри се пласираше во финалето на оваа дисциплина на ОИ во Лондон, иако не успеа да ја заврши трката од вчерашното полуфинале.
Член на оваа штафета беше и Оскар Писториус, атлетичар кој се натпреварува со карбонски протези, со оглед на тоа што е роден без двете потколеници, а кој со местото во финалето успеа, како што рече, да го оствари својот сон.
Писториус во полуфиналето беше трета замена, но не дочека штафетата да стигне до него откако претходната измена, Офентсе Могаване падна по судирот со претставникот на Кенија, Винсент Кила.
Најбрза во полуфиналето беше екипата на Тринидад и Тобаго, додека Кенија дополнително беше дисквалификувана, што ѝ овозможи на Јужна Африка да вложи жалба.
„Заседаваше советот за жалби и донесе одлука на јужноафриканскиот тим да му се овозможи пласман во финалето, иако не ја завршија трката. Земен е предвид и фактот дека значително беа оштетени во инцидентот со Кенија“ се вели во соопштението на Светската атлетска федерација (ИААФ).
Финалето е на програмата денес во 22:20 часот, а Јужна Африка ќе биде на патеката број девет.