Ако ja поврзувате најпознатата спортска линија на Nike со висок атлетски афроамериканец, грешите.
Зад неа стои еден низок и дебеличок Италијанец со подзатворени очи, што личи на мафијаш. Човекот кој е заслужен за една од најспектакуларните зделки во историјата на спортот. За него Мајкл Џордан вели дека не бил сигурен дали сака да се вплеткува со „толку темен елемент“.
Но Сони Вакаро не е мафијаш. Во 80-тите години ги минува месеците во Лас Вегас, каде одлично се вклопува во опкружувањето – коцкарска легенда меѓу други коцкарски легенди. Заработува од обложување на фудбалски натпревари, а името најчесто му го споменуваат во букмејкерските пунктови. Изненадувачко е што, ете, тој човек всушност работи за Nike, но за тоа е заслужен неговиот исклучителен талент за профит.
Уште на 24-годишна возраст, Вакаро и еден негов пријател создаваат кошаркарски турнир, кој потоа ги собира најдобрите средношколци во земјата, а со нив и најдобрите тренери. Токму таму Вакаро ги создава најважните контакти. Скапите пријателства ќе му овозможат подоцна да се докачи до играчките клупи на некои од најдобрите тимови во првенството меѓу колеџите… и да ги убеди тренерите нивните играчи да ги играат натпреварите носејќи патики Nike. Ваквите зделки во кошарката беа сметани за еден вид мито – беа легални, но не и морални.
Сони Вакаро добиваше по 500 долари месечна плата за да го промовира брендот. Сепак, беше полн со трикови и знаеше да му даде и до 5000 долари на одреден тренер и да го снабди со цел куп бесплатни патики, само за да направи реклама и да ги натне Најк патиките на нозете на кошаркарите. Во 1982 година, Сони веќе целеше кон склучување на милионски договори.
Две години подоцна се случува нешто судбоносно, нешто што ќе го натера Вакаро да се осмели и да ризикува сé. Сони гледаше кошаркарски натпревар на Северна Каролина и го виде Мајкл Џордан како игра. Импресиониран од харизмата на кошаркарот, решава да направи цела производна линија околу неговото име. Во 1984 година Џордан сé уште беше аматер, кој беше непознат за повеќето фанови. Nike, пак, беше релативно мала компанија која имаше годишен обрт од 20 милиони долари и буџет за реклами од 2.5 милиони. Згора на тоа, не ни постоеја играчи кои склучуваа договори со спортските марки за повеќе од 10.000 долари годишно. Единствен исклучок беше Карим Абдул Џабар од Л.А. Лејкерс.
Тоа не го спречи Сони да ги убеди шефовите на Најк да го вложат целиот свој капитал во Џордан. Како што рековме, тоа беше луда идеја, која можеше да ја доведе целата компанија до банкрот. Ама Вакаро беше доживотен коцкар, и тоа од оние што добиваат. Затоа не се плашеше, а затоа и компанијата му веруваше.
Најк се решава да примени маркетинг стратегија како тие кај тенисерите, бидејќи во нив има повеќе индивидуалност. Во август 1984-та, Рон Штрејсер и креативниот директор Питер Мареј го смислуваат името „Air Jordan“, откако Сони Вакаро ќе ги убеди и дека Џордан „може да лета“. Истата година, пак, Џордан решава да го прекине образованието и да се вклучи во драфтот на NBA, што ќе ѝ даде уште поголема вредност на идејата на Сони.
Фил Најт – поранешен атлетичар и коосновач на Nike, заедно со Вакаро, ќе се сретнат со семејството на Мајкл и ќе понудат невидени дотогаш во историјата на кошарката – 2.5 милиони долари, целиот буџет на компанијата, и 25% од цената на секоја продадена патика.
Мајкл ќе го погледне црвено-црниот модел и ќе рече дека „црвената е ѓаволска боја и дека би било поубаво, ако патиките се во кралско-сините нијанси на Северна Каролина”. Згора на тоа ќе побара и автомобил, со што ќе го зацврсти првичниот впечаток кај Сони, кој ионака смета дека Џордан е „детиште“. На тоа, Сони ќе извади од џеб една играчка Lamborghini и ќе ја фрли на масата со зборовите: „Еве го твојот автомобил! А со милионите кои ти ги нудиме, можеш да си купиш што сакаш“.
Последниот збор, секако, ќе биде тој на г-ѓа Џордан – мајката на Мајкл. Потребно е да наведуваме што одговори?
И така, зделката на Сони Вакаро ја издигнува Најк до нови височини, го прави Мајкл Џордан милионер, „Ер Џордан“ станува легендарен бренд, а самиот Сони една година подоцна ќе се најде на листата на 100-те највлијателни личности во спортот.