Критичарите ги прогласија 3D филмовите за мртви уште пред неколку години. Новитетот избледува, а голем дел од овие „подобрени“ филмови во најдобра смисла се само лош трик, а во најлоша – комплетно ѓубре што предизвикува главоболка. Сепак, Холивуд ги штанца со исто темпо. Време им е, ама зошто не умираат?
Како и на многу прашања, и на ова одговорот е – ПАРИ.
Филсмката индустрија го слави 3D-то како свој месија, особено откако се најде во директна конкуренција со сервиси како Нетфликс и технологии што ви овозможуваат кино искуство во удобноста на својот дом, по што нагло опаднаа заработките на бокс офисот. Со издавањето (или реиздавањето) на еден филм во 3D верзија, филмските студија не само што привлекуваат повеќе публика во кината убедувајќи ги дека ги очекува наводно врвно гледачко искуство, туку и ќаруваат на бонус зголемувања на цената на билетите.
Проблемот е што 3D воопшто не е врвно искуство. За многумина е и многу полошо искуство отколку гледање на филм во регуларните две димензии, па тоа ќе му дојде како да доплаќаш екстра цена за да добиеш два часа со бонус непријатност. Има и друга страна, се разбира; Многумина пак сакаат 3D филмови, а некои 3D филмови се и навистина одлични и се забавно искуство. И тоа е супер. Сепак, една студија од 2011 година, која 8 години ги испитуваше споредните ефекти од 3D наочарите, покажува дека само околу една третина од гледачите немаат проблем со истите, додека две третини чувствуваат ваква или онаква форма на непријатност, вклучувајќи и 7% кои пријавуваат дека доживуваат ужасни главоболки.
Важно е да се прави потребната суштинска разлика. Постојат две категории на 3D филмови кои се прикажуваат во кината денес, меѓу кои постои голема разлика во квалитетот на продукцијата: „вистински“ 3D филмови кои се снимени со стереоскопски камери и се создадени специјално за 3D гледање, што е многу скапо, и „лажни“ 3D филмови кои 3D ефектот го додаваат во пост-продукцијата.
Во првата група се филмовите како Avatar и Gravity, кои се сместени во визуелно прекрасни светови дизајнирани да бидат искусени на големото платно и во имерзивни („впивачки“) формати, како што е 3D-то. Анимираните филмови исто така се уникатно складни со форматот, а можат дури и да изгледаат подобро кога се гледаат во 3D.
Но, во другата група се еден куп филмови со суперхерои, или акциони-хорор филмови, кои се конвертирани во 3D само за да исцедат некој дополнителен долар од публиката, и покрај тоа што додавањето на димензијата за длабочина прави многу малку за да придонесе во подобрување на гледачкото искуство. Уште полошо, конвертирањето на перфектно добри филмови во 3D може да ги направи значително полоши. Акционите филмови со многу брзи резови, на пример, не му ни даваат шанса на гледачот да се внесе во тридимензионалниот свет, и покрај тоа што очите тогаш ти работат прекувремено за да доловат сé што се случува на екранот. Тоа го прави гледачот поподложен на главоболки и чувство на лошење.
Една студија од 2013-та, објавена во журналот PLOS One, открива дека гледачите на 3D филмови често пријавуваат визуелен замор во форма на болка во очите, главоболки, двојно гледање, потешкотии во концентрацијата и лошење. Да не зборуваме за оние исклиширани кадри што се уфрлени само за да се пофалат дека се во 3D, како кога Спајдермен лета и исфрла мрежа кон публиката.
3D конверзијата исто така ја прави сликата потемна, а и помалку остра. Ова ич не е добро кога се работи за намерно слабо осветлени филмови, како што се хорорите. Особено кај филмови со мал буџет, лошата конверзија може да создаде визуелна неконзистенција и „лаг“ (доцнење), а се рабира, и најмалата несовршеност е доволна да го разбие целокупното 3D искуство.
Битката на 3D-то не е изгубена. Со напредокот на технологијата, овие проблеми ќе бидат решени, а научниците веќе работат на создавање на 3D проектори и ТВ екрани со висока резолуција и без потреба од 3D очила.
Но, продукциските студија како да не ги интересира. Нив им е битно следново: Иако во САД тоталната продажба на билети опадна за 15% помеѓу 2002 и 2013, заработката на бокс офисот оди во нагорна линија. Тоа е воглавно така затоа што 3D филмовите помогнаа да се оправдаат високите цени на кино билетите.
Сепак, иако бројот на 3D филмови се зголемува, нивниот дел од профитот на бокс офисот забавува, а опаѓа и таканаречената „take rate“ кај публиката – стапката на луѓе кои би избрале да гледаат филм во 3D наместо рамен, во 2D. Со други зборови, се чини дека луѓето се изморуваат од модата што само ветува, а ретко исплнува. И 3D телевизорите потполно потфрлија во тоа да им се пикнат на потрошувачите под кожа, а кино театрите се соочуваат и со голема одбивност кон 3D филмовите од страна на публиката, до тој степен што некои компании направија специјални наочари што го анулираат 3D ефектот и ви овозможуваат 3D филмот да го гледате во 2D.
Дури и Џејмс Камерон – чиј мега хит (и златна кокошка) „Аватар“ го почна „лудилото“ (луѓе од Скопје одеа во Бугарија за да го гледаат во 3D), се пожали дека се штанца премногу 3D ѓубре. Филмови што немаат потреба излегуваат во 3D, а режисерите често немаат право на збор кога студијата сакаат нивниот филм да биде издаден во 3D. Зборувајќи на еден технолошки форум во 2013-тата, Камерон рече дека 3D-то е претворено во главна алатка за правење пари, директно форсиран од филмските студија.
Ако ја земеме во предвид историјата, 3D филмовите може никогаш да не умрат. Во ваков или онаков облик, технологијата потекнува уште од 1800-тите и постои до ден денес. 3D-то направи бум во средината на 50-тите, кога заради телевизијата почна да опаѓа продажбата на кино билети (не случајно, се разбира), но ни тоа не траеше многу долго; заживеа дури во 2004-та, кога се појави IMAX форматот. Сето тоа го сугерира следново: очигледно, луѓето се жедни да го искусат киното што е можно поблиску до реалноста, а сонот за трите димензии е премногу добар за да умре.