Мистериозната коцкаста гума на слетан Airbus ги збуни експертите

squaretire[1]

Како што известува Daily Mail, авијациските експерти се збунети од британскиот Аirbus А380 на Бритиш Ервејс, кој на Хитроу слета со коцкаста гума.

Според извештајот, инструментите покажале предупредување за низок притисок уште по полетувањето, но пилотот го игнорирал, со оглед на тоа дека А380 е дизајниран така што е максимално безбеден дури и кога едно од тркалата не работи.

Како и да е, авионот слета безбедно и безбедно се паркираше до портата за патници, а дури тогаш беше откриена гумата.

Лице од Civil Aviation Authority ја опиша гумата како „прилично мистериозна“ и рече дека никогаш нема видено такво нешто.

Ни другите експерти не можат со сигурност да објаснат како гумата добила коцкаста форма.

Според Патрик Смит, „гумата се издишала и последователната ротација предизвикала таа да се свитка во самата себе, во четири симетрични сегменти“.

Друг експерт вели дека коцкастата форма најверојатно е предизвикана од начинот на кој тежината била распределена на тркатала на Ербасот.

Еден друг авијациски експерт – Кумар Мисоре, оди подалеку во анализата:

„Издишаната гума била округла кога авионот слетал; немаше да ротира на четири коцкасти раба, како што ни укажува и сликата. Тркалото ќе ротираше на рамната земја, со издишаната гума лабаво клатејќи се околу тркалото. Гумата ја добила оваа форма откако авионот застанал“, смета тој.

Според последново, кога ќе се земе во предвид дека коцкастата форма ја немало додека авионот бил во движење на пистата, ситуацијата станува пологична. Некои прават паралела со гумените играчки што менуваат форма врз база на количината на притисок што им е нанесена. На пример, дупната гумена топка – можете лесно да ѝ ја смените формата нанесувајќи разни количини притисок. Гумата го прави истото, менувајќи ја формата заради отсуството на воздушен притисок во својата внатрешност. Можеби големата тежина врз тркалезен, ротирачки издишан објект резултира со коцкаста форма?

Сепак, ова повторно не објаснува зошто формата е коцкаста, а не некоја друга. Некои претпоставуваат дека гумата на тркалото се прегреала и како резултат на тоа се сменил составот и карактеристиките на материјалот. Сепак, ниту едно од објаснувањата не може целосно да ја објасни мистеријата.

Можеби е само баг во матриксот?

- Реклама -