Шведска и експериментот со 6-часовно работно време

6hour

Веќе една година, сестрите во домот за стари лица Svartedalens работат со работно време од 6 часа дневно, а се платени како да работат 8 часа дневно. Тие се дел од експеримент фундиран од шведската влада, кој има за цел да провери дали скратеното работно време може да ја зголеми продуктивноста. Мал спојлер: ќе ви се допадне заклучокот.

Како и со секоја промена на културата на работното место, така и 6-часовното време мора да се докаже дека е повеќе од само похумано. А ова во експериментов во Шведска баш така и се покажува. Податоците кои цела година беа собирани во Svartedalens, споредени со податоците од контролна група која работи во друга установа, покажуваат дека 68 сестри кои работат по 6 часа на ден земале дупло помалку денови боледување за разлика од тие во контролната група (што работат по 8 часа). Исто така кај нив има и 2.8 пати помала тендеција да земат слободен ден во период од 2 недели, вели Бенг Лоренцон – истражувач во проектот.

„Ако сестрите се на работа повеќе време и се поздрави, тоа значи дека континуитетот на домот се зголемува. Тоа значи и поквалитетна грижа за старите лица“.

Очекувано, сестрите се и за 20% посреќни и имаат повеќе енергија на работа и во слободното време. Ова им овозможува да имаат 64% повеќе активности околу старите лица – што истражувачите го земаат како параметар за да ја измерат продуктивноста.

Svartedalens е дел од мало, но растечко движење во Европа. Шведска и порано си има играно со пократко работно време, од 1989 до 2005 година – тогаш учесници беа работниците во една установа за домашна грижа, но проектот беше напуштен откако не покажа доволно податоци дека се исплати. Експериментот во Svartedalens е поинаков: „Овој опит е многу, многу чист, бидејќи се работи само за една хомогена група на работници“, вели Лоренцон.

Во Шведскиот приватен сектор, 6-часовното работно време зема замав и во сервисните центри на Тојота во Гетеборг, а во Велика Британија, една маркетинг агенција спроведе намалени работни часови со цел поголема покриеност. Според една студија од минатиот месец, 6 од 10 британски шефови се согласуваат дека скратувањето на работното време би ја зголемило продуктивноста.

6hour2

Тоа е и клучниот резултат од шведскиот експеримент, за кој се смета дека ќе ја отвори вратата кон глобализација на пократкото работно време. Досега таа теорија наидуваше на прилично голем страв кај организациите, кои се плашат дека нивната продуктивност може да опадне.

Во Америка е малку покомплицирано. Тешко дека тие ќе ја сменат работната култура, пред сé заради навика. Американците работат во просек по 38.6 часа неделно. Во просек, земаат по помалку од 8 платени дена одмор во годината. Всушност, само една третина од работниците добиваат платен одмор, воопшто. Со други зборови, Американците се нација на воркохолици и редуцирањето на работното време им е далечна идеја.

Сепак, Џон Мејнард Кијнес не мисли така. Тој славно предвиде дека технолошкиот развој ќе доведе до кратки работни недели и вишок слободно време; според него, до 2030-та, работната седмица од 15 часа би требало да стане норма. Слично предвиде и Херман Кан, кој во 1960-тите рече дека еден ден Американците ќе имаат 13 седмици одмор и само 4 работни дена неделно. Ни едното ни другото не се реалност во денешна Америка, ама уште има време.

Назад на експериментот. Шведската студија не е првата што прави конекција помеѓу посреќните, одморени работници и подобриот исход за работодавачите. Во извештај од универзитетот Стенфорд во 2014-та, беше покажано дека поврзаноста помеѓу должината на работното време и продуктивноста е слаба, во смисла на тоа што не е линеарна и подолгото работно време не значи и поголем исход т.е. продуктивност. Резултатите покажуваат луѓето што се чувстуваат преоптоварени со работа признаваат дека прават повеќе грешки на работа.

Happy-workspace[1]

Сепак, не е сé така сјајно во експериментот во Svartedalens. Првиот проблем е што негата на стари лица и пациенти не е аналогна професија со канцелариската работа. Второ, тука е и проблемот со математиката. Да се скратат работните часови може дополнително да ги чини работодавачите, во смисла на тоа што заштеденото од зголемената продуктивност може да изнесува помалку од дополнителните трошоци за вработување на дополнителен персонал. Svartedalens, на пример, мораше да вработи плус 15 нови сестри, што го чинеа домот околу 735.000 евра. Половина од тие трошоци се надоместени со намалувањето на боледувањето и слободните денови, ама експериментот не мери колкав е ефектот на подобрената грижа во крајна смисла. Тоа не се по дифолт лоши вести, затоа што не значи дека ефектот е негативен, а згора на тоа, не треба да се заборави дека не смее да се гледа сé низ пари, туку и низ општата благосостојба на работниците (посреќни, поодморени, поквалитетна услуга).

Како и да е, во САД некои компании почнаа да демонстрираат флексибилност така што спроведоа работна недела од 4 дена, со тоа што тоталниот број на работни часови останува ист. Се покажува дека продолжениот викенд ги одржува работниците мотивирани и им помага да бидат пофокусирани.

Околу 30% од 1060-те анкетирани (од Aon Hewitt) работодавачи нудат компресирана работна недела (помалку работни дена, ист број работни часови), а речиси 60% од компаниите нудат флексибилно работно време, кога работникот сам решава кога доаѓа и кога заминува. Истражувачите најдоа и дека работниците што имаат контрола врз сопствениот распоред пријавуваат намалено ниво на стрес, помалку преоптовареност и повеќе сатисфакција од работата.

- Реклама -