Ако уште живееш во бајките, редно е да размислиш да се преселиш во холандското селце Гитхурн (Giethoorn). Познато е како „Холандската Венеција“, постои од 1230 година и нема патишта или некаков модерен транспорт – само канали, вода, чамци и (176) мостчиња. Како настанало? Кога прв пат луѓето се доселиле овде, наишле на многу наоѓалишта на тресет и ископале многу дупки. Со тек на времето, овие дупки се наполниле со вода и станале езера, а новонастанатите островчиња биле поврзувани со мостчиња.
Не само што изгледа како од бајка, ама така и звучи – мирно. Туристите што го посетуваат се приморани да ги остават автомобилите надвор од селото и да патуваат пеш или со чамци, од кои повеќето се „тивки“, т.е. имаат мотори што не брчат. Официјалниот вебсајт на селото вели дека „најгласниот звук што овде може да се чуе е квакањето на патка или звукот на друга птица“. Замисли го само мирот…