Во 1971-та, Фредерик В. Смит го искористи своето богатство од 4 милиони долари, плус дополнителни 91 милиони, и ја основа компанијата FedEx, една од најпознатите компании за брза пошта на глобално ниво. Во тоа време, компанијата беше прва и единствена со таква услуга, па добриот старт и брзиот раст беа неизбежни.
За голема несреќа на Смит, три години по основањето, должејќи се пред сé на брзорастечките цени на горивото и зголемените трошоци, FedEx се најде на работ на банкрот, губејќи по 1 милион долари месечно. Никој не беше заинтересиран да помогне, ниту со заем, ниту со инвестиција. Очајот беше толку голем, што компанијата се најде во ситуација да остане со само 5000 долари на својата сметка – пари што не беа доволни ниту за да ги наполнат авионите со гориво. Во таква состојба, компанијата можеше да опстои уште максимум два дена.
Наместо да крене раце и да одлета дома во Мемфис, Фредерик Смит ги зема последните 5 илјади долари од сметката и го фати петочниот авион за Лас Вегас, упатувајќи се, се разбира, на партија Блек Џек. На изненадување на другите високи извршители на компанијата, веќе во понеделник, на сметката лежат 32 илјади долари. Покривањето на трошоците на уште некој ден – загарантирано.
Причината што сега го читате ова е што баш тие неколку дополнителни денови живот се покажале екстремно среќни за компанијата и од клучна важност што постои и ден денес. Токму во тој период на бавно умирање, Смит успева да подигне кредит од 11 милиони, а веќе во 1976-та, компанијата го остварува првиот профит од 3.6 милиони долари. Четири години подоцна профитот расте на 40 милиони, а денес FedEx се проценува на 25-35 милијарди долари, на чие чело сеуште стои 71-годишниот Фредерик В. Смит, според „Форбс“ и самиот вреден околу 3.7 милијарди. Со промените во правилата на работењето кои во меѓувреме ги воведе, Смит го тргна горниот лимит за старосна возраст, што може да значи дека ќе го предводи FedEx уште доста години. Компанијата, пак, денес доставува пратки во повеќе од 200 земји, има флота од 660 авиони и 90.000 возила.
Смит, пак, е чудо сам за себе. Пораснал со ретка болест на коските, во рурален Мисисипи. На 10-годишна возраст ја победил болеста, а на 15-та веќе научил да лета. Уште во неговата дипломска теза зборувал за бизнис модел на глобален систем на достава, со брзина од еден ден. Професорот му дал просечна оцена. По дипломирањето во 1966, Смит заминува во Виетнам, каде што ќе лета со авион-запрашувач. Во Виетконг ќе преживее и заседа, во која ќе остане без пиштол, граната или шлем. Во 1970-та ги напушта американските Маринци и ѝ се враќа на својата бизнис теза, а веќе следната година ја формира FedEx. Од почетните 91 милион долари, 29 милиони ќе изгуби во првите 26 месеци од работењето. Другото е историја.
На прашањето што ли мислел кога се коцкал со последните пари на компанијата, Смит рече: „Што е важно? И со 5-те илјади, и без нив, нашите авиони немаше да полетаат.“