Како Apple ти краде музика

„Софтверот функционира како што е замислен“, рече Амбер.

„Чекај“, прашав, „сакаш да ми кажеш дека е дизајниран да ми ги избрише личните фајлови од мојот интерен хард диск без да побара моја дозвола?“

„Да“, ми одговори.

Stress And Frustration

Само што ѝ објаснив на Амбер дека 122 GB музички фајлови ги снема од мојот лаптоп. Веќе го посетив онлајн форумот, ѝ реков, но немаше никој да помогне. Макар што неколку луѓе опишаа проблеми слични на мојот, сите беа отфлени од вообразените „гуруа“ кои едноставно тврдеа дека ние сме ги преместиле нашите фајлови (го имав просторот на хард дискот за да докажам дека тоа не е случај) или дека ние мора несакајќи да сме си ги избришале фајловите самите (не сме ги избришале). Амбер ми објасни дека всушност треба да ги баталам овие „решенија“ понудени онлајн, бидејќи вработените на Apple официјално не ги користат форумите – очигледно, таа чест им преостанува на другите изгубени, фрустрирани луѓе како што сум јас, и (барем во случајов) на сезнајковците кои порадо ќе поверуваат дека ние сме некомпетентни или дека лажеме, отколку да се соочат со грдата вистина дека Apple во огромна мера си ги пречекори границите.

Тоа што ми го објасни Амбер беше токму тоа од што се плашев: преку претплатата на Apple Music, која јас ја имав, Apple сега брише фајлови од компјутерите на своите корисници. Кога се зачленив за Apple Music, iTunes ја процени мојата масивна колекција од .mp3 и .wav фајлови, ја скенираше датабазата на Apple за фајловите што ги смета за совпаѓања, и потоа ги отстранил оригиналните фајлови од мојот внатрешен хард драјв. Ги ОТСТРАНИЛ. Избришани. Ако Apple Music наидел фајл што не го препознавал – а тоа се случувало често, бидејќи сум фриленс композитор и имам многу музички фајлови кои ги креирав самиот – тогаш ќе ги преземел во датабазата на Apple, ќе ги избришел од мојот хард диск и ќе ми ги сервирал кога ќе сакам да ги слушам, исто како и останатите музички фајлови што ги избришал.

Ова доведе до 4 големи проблеми:

1. Ако Apple ми ја сервира мојата музика, тоа значи дека ако немам wifi пристап, јас не можам да ја слушам. Кога велам „мојата музика“, не мислам само на музиката што преку 20 години (уште пред да постои iTunes) внимателно ја импортирав од илјадници CD-иња и ја снимав на хард дискот на мојот компјутер. Мислам и на оригиналната музика која јас ја имав снимено и зачувано во мојот компјутер. Сега Apple и Wifi пристапот одлучуваат дали можам да ја слушам, и кога, и каде.

2. Тоа што Apple го смета за совпаѓање, многу често не е. Таа ретката, рана верзија на Fountains of Wayne – I’ll Do The Driving, именувана како таква? Уште го има истиот назив (label), но наместо тоа беше заменета со подоцна објавена, подостапна верзија на истата песна. Пијано демото од „Sister Jack“ што го симнав директно од вебсајтот на Spoon пред 10 години? Заменета со алтернативната, почеста демо верзија на песната. Тоа што ова значи, тогаш, е дека Apple создава иднина во која ретките или различните миксови и верзии на песните нема да постојат, освен ако Apple реши дека треба да постојат. Споменатите алтернативни верзии ќе бидат заменети со верзиите што се најмејнстрим, и покрај нивните оригинални, истовремено точни, наслови, лејбели и содржина на фајловите.

3. Иако би можел да кликнам на иконата со мало облаче до секој наслов на песна и „земам назад“ од Apple, нивните сервери не се доволно брзи за тоа да биде лесна задача. Би ми требале околу 30 часа за да си ја вратам музиката. А дури и тогаш…

4. Ако решам да си ги земам песните преку download, фајловите што ќе добијам назад нема да бидат исти како моите оригинални фајлови. Како фриленс композитор, моите сопствени композиции gi зачувувам во .WAV фајлови, наместо во .mp3 формат. WAV фајловите имаат околу 10 пати поголем број на семплови и едноставно звучат подобро. А бидејќи Apple Music не поддржува WAV фајлови, со самото крадење на моите композиции и складирањето на нивните сервери, тие автоматски и ги конвертираат во mp3 или AAC фајлови. Значи не само што морам да продолжам да плаќам за Apple Music само за да имам пристап до моите сопствени фајлови, туку и морам да слушам инфериорни верзии од секоја снимка, наместо снимката што јас сум ја создал.

Се разбира, има и други проблеми освен овие. Apple се соочува со бројни поплаки во врска со Apple Music и прикажувањето на погрешен албум арт, околу погрешните и фалични информации за фалјовите и околу неинформираноста на „генијалците“ од Apple на темата, оттаму и неспособноста да понудат задоволително решение.

Ако се прашувате зошто уште не го тужеле Apple, тоа е затоа што условите за користење на iTunes многу воопштено предупредуваат на овој проблем, а потоа и го амнестираат Apple и исклучуваат секаква одговорност кон корисниците што го окркале:

„iCloud Music Library е автоматски вклучена кога ќе ја започнеш претплатата на Apple Music… Кога твојот договор со Apple Music ќе заврши, ќе изгубиш пристап до било кои песни зачувани во твојата iCloud музичка библиотека“.

Middle finger
Кликни

Ја вратив мојата оригинална музика само благодарение на бекапот што го направив неколку недели порано. Многу луѓе не прават бекап толку често колку што е потребно, така што мојот метод не е секогаш опција. Амбер ми откри дека морала да прострада низ многу повици од луѓе кои ја откажале нивната Apple Music претплата по 3-месечниот пробен период, само за да откријат дека целата нивна музика и сите нивни музички фајлови се избришани и не постои начин да бидат вратени.

Значи, моите фајлови се привремено вратени, но единствениот начин да го спречам ова да се случи одново и одново, според Амбер, е да ја откажам претплатата за Apple Music (која таа не ја користи заради наведените причини) и да се осигурам дека моите iCloud сетинзи не вклучуваат складирање на моите музички бекапи.

***

Веќе околу 10 години ги предупредувам луѓето: „Чувајте си ја својата медија. Еден ден, нема да купуваш филм. Ќе го купуваш правото да гледаш филм, а тој филм ќе ти биде сервиран. Ако компаниите што го сервираат филмот не сакаат ти да го видиш, или сакаат да сменат нешто, тие ќе ја имаат целата моќ да направат така. Тие можат да ја променат историјата, и ќе направат да плаќаш за нешта што порано си можел да ги купиш. Информацијата ќе биде услуга наместо сопственост; дури и информацијата што ти лично си ја креирал ќе подразбира бескрајни, повторливи плаќања само за да имаш пристап“.

Кога го делев тоа предупредување, искрено, дури и во мојата најорвеловска параноја не можев ни да помислам дека тие што ја чуваат содржината, како Apple, ќе се осмелат да посегнат во твојот компјутер и да го земат тоа што веќе го поседуваш. Ако Taxi Driver е на Netflix, Netflix не ти доаѓа дома за да ти го украде ДВД-то од филмот. Ама натаму одиме. Кога станува збор за музика, Apple е веќе таму.

Безобразно. Дрско. Нечуено. Тоа се само дел од придавките што ги искористив во мојот разговор со Амбер. Таа всушност ме праша како планирам да продолжам после Apple, префрлајќи го товарот на одлуката назад на мој грб. Разбирам и зошто: таа е исто толку немоќна колку и јас. Јас би сакал Apple да се соочи со јавна реакција и финансиски последици за искористување на своите корисници на така безобѕирен и неетички начин, ама Apple се чини е надвор од секаква опасност во овој момент. Ми требаше да поминам преку тројца посредници пред дури и да можам да зборувам со некој што можеше да разбере што му зборувам, па дури и кога таа ја призна сомнителната пракса на Apple, таа немаше што да понуди како решение, освен „не го користи продуктот“. Кога нашите датабази целосно ќе прејдат во услуги, сепак, „не го користи продуктот“ нема веќе да биде опција. Apple ќе биде во позиција на контрола и ќе ја емитува нивната реклама за „1984“, што пак ќе претставува буквална трагична опресивна иронија.

Од блогот на Џејмс Пинкстон

- Реклама -