Колку пари печали TSA од Американците при претрес на аеродром

tsa

Како и секој обичен човек, Американците знаат да се лутат кога на каса нема да им вратат кусур, па и кога се работи за ситни суми. На аеродромите – поретко. Во 2015-та година, поминувајќи низ безбедносните контроли на TSA (Администрацијата за безбедност при транспорт при американското Министерство за домашна безбедност, истата таа што шпиунира и ги претресува патниците на аеродром), во пластичните садови пред детекторите на метал, луѓето оставиле пари во вредност од 765.759 долари! Најголемиот дел од нив се метален ситнеж, а сé тоа е собрано од TSA.

Правото на овие пари TSA го доби по изгласаниот закон во Конгресот во 2005-та, откако пропадна еден друг предлог овие пари да ѝм припаднат на американските војници и нивните семејства.

Насетувате, тоа значи дека вакви суми на терминалите на TSA не се нешто невообичаено и 2015-та не е нешто многу посебна. Така е: Во 2014-та, TSA повторно ќари над пола милион – поточно 674.841 долари, а исто и во 2013-та – 638.142 долари. Всушност, сумата се зголемува уште од 2008-ма наваму, кога беа собрани „само“ околу 383 и пол илјади долари. Вкупно, во последните 8 години, патниците на американските аеродроми имаат оставено ситни пари во вредност од 4.3 милиони долари.

Од TSA се правдаат дека прават сé што можат за на луѓето да им вратат сé што оставиле додека се на излезот од детекторот, ама дека на луѓето едноставно им е неважно. Можеби ќе им стане, кога ќе ја дознаат оваа информација…

Сеедно, иронијата е што самите аеродроми (некои, барем) прават обиди да ги натераат луѓето своите ситни пари да ги остават во добротворни цели, поставувајќи кутии за донации, од кои парите се донираат на локалните непрофитни и хуманитарни организации. Сепак, сумите собрани тука обично се движат од 15 до 25 илјади долари, а рекордот е само третина од парите што ги собира TSA – 282.722 долари.

- Реклама -