Pagani Huayra
Пред да започнам да зборувам за автомобилите, ќе проговорам за еден од најголемите луѓе во автомобилската индустрија, визионер, човек кој ја сака уметноста и автомобилите, и кој за себе вели дека го засакал инженерството и дизајнот, а со тоа и автомобилите, токму поради Леонардо Да Винчи. Дами и господа, Хорацио Пагани. Роден во Аргентина во 1955 година, дете на италијански мигранти, татко пекар. Уште од рана возраст покажува интерес кон уметноста, односно дизајнот. Преку интересот за работата на Леонардо Да Винчи, младиот Хорацио го засакува инженерството, а преку истото и автомобилите. По покана на Фанџо, кој е инаку F1 возач, Хорацио во 1987 година доаѓа во Италија, каде започнува со работа како инженер во Lamborghini. Токму под негова палка е направен Countach Evoluzione. Неговите напори да ги убеди челниците на Ламбо да започнат со производство на тој автомобил, кој инаку бил направен од карбон, но и правење база за изработка на автомобили кои би биле направени од карбон, биле сосема неуспешни. Бил одбиен со зборовите, ако Ferrari нема такво нешто, не ни треба ни на нас. Каква грешка. Во 1991 година тој прави своја компанија Modena Design, која ќе ги снабдува F1, Daimler и Ferrari со карбонски делови. Во 1992, ја формира Pagani Automobili Modena. Понатаму се ни е јасно. Сите се сеќаваме на Pagani Zonda. Но Хорацио не мирува. После уникатната Zonda, Хорацио и тимот ни ја претставија Huayra. Името на овој супер егзотичен автомобил му е дадено по Богот на ветерот – Huayra tata, од митологијата на Инките.
Неодамна на саемот во Женева, од Pagani беше претставен уште еден masterpiece автомобил. Тоа е набилданата Huayra BC. Но, да се навратиме на сега веќе стандардната Huayra, ако може така да се нарече. Рачно изработен, уникатен автомобил, со врвни возачки перформанси. Дизајн кој истава без здив, во буквална смисла на зборот. Huayra е толку неодолив автомобил, што кога би го паркирале на пример до некое Ferrari, да речеме 488 GTB, 9 од 10 луѓе би гледале токму во Huayra. Но што е тоа што го прави овој автомобил по специјален од другите?
Нешто како и Koenigsegg, и Pagani своите автомобили ги прават со свои раце, односно од А до Ш, од дизајн до шасија, до детали, се прави само во Pagani. Исклучок е само моторот, кој го прави AMG, но кој исто така е уникатен зошто го нема во ниеден друг автомобил. За сите што се прашуваат зошто автомобилите на Pagani имаат AMG мотори, одговорот е Хуан Мануел Фанџо. Тој е човекот кој го има поврзано Хорацио со специјалниот оддел на Мерцедес. Поради џентлменскиот договор помеѓу Pagani и AMG, оваа преубава хардкор машина ќе биде лимитирана верзија, со само 100 примероци, и цена од милион долари. Популарниот Ричард Хамонд зборуваше за Huayra во суперлативи буквално на секои пет минути. Huayra е и засега најбрзиот автомобил на стазата на Top Gear. Епа ако ви е здосадено од Ferrari и Lamborghini, и мислите дека сте за нешто по егзотично, уникатно, по кое ќе се вртат луѓето, каде и да сте во светот, овој автомобил е за Вас. Да ги опфатиме малку и техничките карактеристики на овој преубав ѕвер. Шасијата на овој автомобил односно монокок е изработен рачно од мешавина од карбон и титаниум што е уникатно решение кое го има само Huayra. Тоа го прави овој автомобил, исклучително лесен, ригиден и навистина безбеден при удар. Моторот на овој автомобил е средишно поставен, 6.0 литарски, твин турбо со дванаесет цилиндри, AMG кој на Huayra и дава 730 коњски сили и 1100 Nm, кои преку седум степениот секвенцијален менувач се пренесуваат на задните тркала. Од нула до стотка забрзува за 3 секунди, а максималната брзина изнесува 383 километри на час. Huayra користи седум степен секвенцијален менувач со едно квачило, кој можеби не е толку брз како тој со две (што од Pagani негираат), но затоа е полесен цели 70 килограми, што за овие супер спортски автомобили е од круцијално значење. Опремен е со Brembo карбонски керамички сет кочници, вентилирачки дискови, и шепи со четири клипови напред и четири клипови назад. Издувниот систем кој е речиси тркачки, е целосно направен од титаниум да може да издржи огромни температури, но и да биде ултра лесен со тежина помала од 10 килограми.
По примерот на Zonda, кој беше исклучително добар за управување, овој автомобил е уште подобар благодарение на активната аеродинамика. Извонредно решение. Во превод, кога автомобилот има потреба за downforce, или треба да лепи за патот или патеката и да сопира, се активираат влапсовите кои буквално се како кај авион, а кога треба да забрзува и да оди премногу брзо тие се повлекуваат. Оваа технологија ја прави Huayra можеби најуправливиот супер автомобил на светот.
Внатрешноста е посебна приказна. Префинета кожа, карбон фибер и алуминиум во спартански секси распоред. Секако, зборуваме за лимитирана верзија од милион евра и опција да имате кожа во било која боја, но според мене црвената кожа со карбон и алуминиум е hats off.
И сега помалку безобразно, но сите овие суперлативи одат во ветер и магла затоа што пристигна Huayra BC со 790 коњски сили, намалена маса, поизразени тркачки карактеристики и цена од 2,5 милиони евра, што ја прави BC најскапиот сериски автомобил во светот. Името е по првиот муштерија на Pagani, Benny Caiola, голем пријател и љубител на спортски автомобили кој поради рак починал 2010 година. Само ако ги погледнеме поголемите тркала, задниот спојлер и сите дифузери јасно е дека станува збор за супер набилдана Huayra, која сака да биде рамо до рамо со најдобрите, да речеме со 918 Spyder. Но, овој автомобил е толку уникатен и егзотичен, што треба да има своја посебна категорија. Некој ќе рече, но зошто не додадат барем 50 коњски сили, да биде барем тука некаде со 918. Јас ќе речам дека овој автомобил е направен да не биде најбрзиот, туку најуникатниот, најубавиот, најегзотичниот автомобил, кој не ќе можете да го споредувате со триото, Veyron или пак Koenigsegg.
И за крај, како раскошот, луксузот, цената и перформансите да се малку, од Pagani ни доаѓа Pacheto Tempesta ретрофит тркачки пакет со уникатна боја и неверојатен, монструозен систем за издувни гасови или по нашки ауспух за само 150.000 евра. И да овој пакет ќе биде реинсталиран на Вашата постоечка Pagani Huayra. Во секој случај токму поради ова лудило овие автомобили се и повеќе од уникатни.