Велики четврток:
8.30 – Скапаниот аларм пак не се уклучи! Се разбудив пола саат пред да ми почне работното време. И денес ме чека напорен ден – цел ден во канцеларија, а вечер треба и јајца да вапсам! Патем, немам боја. Сигурна сум дека имам останато од минатата година, ама Боже мој, појма немам каде сум ја ставила.
9.30 – Дури сега стигнувам во канцеларија. Ме гледаат лошо, ме бараа пет души од сабајлево – баш тогаш им требаше на сите да сум им достапна! Не сум нашминкана, новата од другиот оддел ме прашува што ми е. Што ми е?! Изгледа нема видено четириесетгодишна жена без шминка!
14.00 – Сите надежи дека ќе излезам при паузата за ручек и дека ќе купам боја за јајца пропаднаа. Шефот ме загна да правам некаква презентација, која треба да е готова до вечер. Дали воопшто ќе стигнам да ставам залак во устата…
17.00 – Нема да можам да си одам порано од работа – презентацијата се закочи, фајлот се избриша и сега сé одново.
19.00 – Најпосле тргнувам да си одам. Со домашна работа – мочаната презентација требало да се подреди и да ѝ се додадат не знам колку таму слајда. Тој домашниот мој тинејџер категорично одбива да купи боја за јајца – срам му било. Малата гледа телевизија сама и ми ѕвони на секои пет минути за да ме праша дали велигденскиот зајак постои и дали гризе. Маж ми е на фитнес. И он не можел да купи боја, зашто немал време господинот да запира по супермаркети само за тоа.
20.00 – Во метеж сум. Изгледа сите тргнале да купат боја за јајца – пред нон-стоп отворениот супермаркет има полиција и се чека ред да влезеш на паркингот. Како па да не!
21.00 – Купив! Четири вида – за перласти, за седеф, за класични и за светкави јајца. Купив и кошница, салфетки со пилиња, неколку пластични кокошници, керамична тава во форма на зајак. Имам блед спомен дека и минатата година купив иста таква, ама не сум сигурна.
21.30 – Јас сум најглупата жена на светот! Имам бои, ама заборавив да купам јајца! Во фрижидер се мотаат три останати од минатата недела. Сигурно нема да излегувам баш сега и да купувам, плус и не се вапсаат откако сонцето ќе зајде. Седнувам да ја правам презентацијата, ја заспав малата, син ми уште не се прибрал, а татко му заспа пред телевизорот. Пуштам една машина, пошто утре не се работи домаќинска работа…
02.00 – Се разбудив заспана на фотелјата. Не сум го притиснала копчето на машината и ништо не се испрало. Маж ми се преместил во креветот, а мене не ме разбудил. Пак ќе ми рече дека не сакал да ме стресува. Син ми уште го нема. Не крева на мобилен и не ми одговара на пораките. Господи, зошто ме казнуваш вака?!
Велики петок:
6.00 – Перењето ноќе наспроти петок се брои ли за грев? Ако се брои, грешна сум. Извртив две машини, сега ги пружам. Син ми се врати пред 12 минути. Кај девојка му бил, ѝ помагал да вапсаат јајца. Што ли си мисли само не знам, дека му верувам? Маж ми уште спие, ми напишал да го будам кога ќе излегувам за на работа. Малата кенка цела ноќ – сонувала крвожеден велигденски зајак што сакал да ја изеде. Мислам дека ќе се самоубијам пред празниците. Само да ги офарбам тие јајца во сабота!
11.00 – Денес немаме работа. Шефот замина со презентацијата, а целиот оддел е на Фејсбук. Ставаат слики од вапсани јајца. Си ги лајкуваат. Се врти некакво клипче, во кое едни раце бојадисуваат јајца со свилени парталчиња. Треба да го пробам и јас. Догодина.
17.25 – За пет минути си одам. Не можам да разберам кога моиве колеги успеаја да обојат толкаво индустриско количество на јајца од вчера вечер до утрово! Изгледа само јас не сум успеала. Новата колешка што вчера ме праша што ми е кога ме виде без шминка, дури и ги донесе своите дела. Треба да се накај 200 јајца – подредени во бела, плетена кошница со црвена панделка. Секакви бои и секакви типови. Има дури и црно-бели со фотографии меѓу нив!
Заедно со сликите од јајцата ја закачила и целата галерија од телефонот. Деца, кучиња, родендени, омилени цвеќиња во саксија – сé. Врвот е серијата со канцелариски велигденски лица – со рачно исцртани портрети на целиот оддел, барабар со шефот… Ебате вонземната упикувачка! За три месеца ќе стане некоj извршен директор во компанијата, сигурна сум. Целата канцеларија се пореди како на изложба да ѝ ги гледа јајцата, офкаат и ахкаат, ја гушкаат, ѝ благодарат… Ќе повратам!
17.30 – Колешката ми го подари „моето“ јајце. Ме има на сликата. Од грб, во дното на канцеларијата. Добро што ми кажа дека сум јас, инаку немаше како да се познаам. Вчера ме снимала, додека сум ја правела презентацијата. Не се охрабрила да ме сними во лице бидејќи „не беше многу за снимање“. Да ѝ го шибнам скапаното јајце во глава или да си траам?
17.32 – Си преќутив. Велигден иде, треба да сме добри…
Велика сабота:
8.00 – Добро што вчера ги купив јајцата! Се надевам дека 20 ќе ми стигнат.
9.00 – Одам да докупам уште јајца. Од дваесетте при варењето ми пукнаа петнаесет. Мислам дека ќе јадам варени јајца до Божиќ.
10.00 – Сварив вкупно педесет јајца. Од тие здрави се само дваесет и пет, што е половина. Доволно добро.
11.00 – Ги растворив боите во тегли. Синот, тоа гадно ѓубре од тинејџер, додека се моташе во кујната, ми бутна и скрши три тегли. Бојата се посла по подот во кујната, а тој излезе како прдеж од гаќи, за да не го натерам да чисти. Татко му итно отиде на тенис во девет сабајлето. Малата е намачкана до косата во сино-зелено и плаче дека сме немале доволно бои.
12. 00 – Перлените јајца не биднаа. Седефените исто. Ќе пробам со обичните.
13.00 – Тие што ги прават боите за јајца се далтонисти. Или се арамии. Црвеното е розево, жолтото не фарба ништо, портокаловото е бледо жолто, зеленото и синото се повеќе накај црни.
13.30 – Така. Располагаме сé на сé со десет црно-кафеаво-лилаво-модро-сиви јајца. Мислам дека ако има конкурс за најгрозно бојадисани велигденски јајца, ќе победам. Без конкуренција сум.
14.00 – И на конкурсот за најлоша мајка ќе сум шампион. Само што ја плеснав малата, зошто проба да си ги избрише офарбаните раце од чаршафите во спалната. Како резултат, брачниот кревет ни изгледа како сопружниците само што се заклале меѓусебно, на особено суров начин. Ја најдов малата како рика од плачење, седнала на перницата на маж ми. Тврди дека велигденскиот зајак ја натерал.
15.00 – На Фејсбук продолжуваат да постираат слики од перфектните велигденски јајца. Ги ставив нашите десет, имам еден коментар од синот: „Мамо, секогаш знаев дека си тежок хеви-метал!“. Мајка ми ми пишала во пораки: „Помини кај нас, ќе ти дадам вапсани јајца! Ништо, догодина и твоите ќе се погодат“. Сестра ми ми ставила смајли што паѓа во транс од смеење…
16.00 – Првите слики од погачи се појавуваат на мрежата. Во секоја етапа од нивото производство – уште од продукти, прекрасно наредени врз перфектно исчистени кујнски површини. После како нараснати, мазни теста. Во секакви форми, со шеќер и ореви одозгора.
18.00 – Ако уште некој постне слика од совршената погача, лежерно украсена со свеќа, ткаена крпа, зелена трева или жива мачка, ќе се самоубијам, чесен збор.
19.00 – Мажот ми се врати од пералната за коли. Донесе погача од фурна. Се мислам дали да ја украсам и јас на некој начин, да ја сликам и да ја постнам како да сум ја направила…
19.20 – А бре што им се замарам на домаќините па јас! Никакви погачи нема да постирам! Прости ми Господе, ама во меѓувреме мораше да ги перам чаршафите од спалната соба, да ја изгребам бојата од детето кое уште личи на злобен демон, да тркнам по јагнешко до продавница, да ја измијам кујната која наликува на бојно поле и да ја испеглам облеката за во црква вечерва.
22.00 – Сум заспала пред телевизорот. Мажот ми и децата ме гледаат со прекор, бидејќи немам ништо зготвено. Гладни биле. А дека ќе јадеме јајца додека закокодакаме никој не зема во предвид! Јас што да правам со овие сега што ги имаме?
23.50 – Отидоа во црква. Нема сила што може да ме крене од кауч!
ВЕЛИГДЕН
0.05 – Ги слушам камбаните на црквата. Мажот ми се јави дека малата заспала и ја носи на раце. Син ми требало да продолжи со својата девојка по други цркви до сабајле. Свеќа нема да донесе, не можел тој сè да прави!
Црните ми јајца грдо се сместиле на средината на масата. Испраните бели чаршафи сега се нерамномерно сиви. Мислам дека ова не се пере.
Ја изедов речиси целата погача од фурната. Не знам како се случило – додека сум ги гледала туѓите погачи на Фејсбук… Од дното на фрижидерот ме гледа со сомнеж јагнешката глава. Утре треба да ја зготвам, нема што да ме гледа.
Христос воскресна! Јас не.
Марија Касимова