А кој го напиша Шекспир?

maxresdefault[1]На 23 април, пред 400 години, почина Шекспир… А, бил ли воопшто роден?

Постои цело поле на студии посветено на разните теории на заговор околу „вистинскиот“ идентитет на Шекспир. Почнувајќи од 19 век, сé јави сé поголемо движење, чие главно прашање беше: „Постоеше ли навистина Шекспир?“.

Шекспировата биографија тврди дека бил роден во малиот град Стратфорд на Авон, каде што се оженил на 18 години. Со тек на време го напуштил семејството за да брка актерска кариера во Лондон.

Скромните почетоци и недостатокот од формално образование не звучат компатибилни со блиското, па и интимно познавање на кралските дворски процедури, заради што некои експерти се убедени дека Шекспир мора да бил благородник.

„Анти-Стратфордијанците“, како што се познати опонентите на „теоријата“ дека Шекспир е баш тој Шекспир роден во Стратфорд, исто така посочуваат и кон мистериозниот недостаток од лични информации, писма или оригинални манускрипти. Според нив, тоа е дополнителен доказ дека идентитетот на Шекспир бил намерно прикриван и заташкан.

Всушност, дури и самото име на писателот е основа за голема контроверза околу автентичноста на неговото авторство. Анти-Стратфордијанците жестоко го оспоруваат неговиот потпис, на пример. Тие истакнуваат дека во секој од шесте преживеани автентични потписи, неговото име е различно спелувано.

Исто така, неговото име е напишано со тире во на многу од насловните страници на неговите колекции и театарски претстави, што ги наведува скептиците да мислат дека „Шекспир“ е само псевдоним на вистинскиот мистериозен автор. Нивниот аргумент е дека многу често, во претставите, со тире се пишувале фиктивните имиња.

Френсис Бекон – филозофот кој служеше и како јавен правобранител, и како кралски канцелар на Лондон, често се наведува како најверојатната алтернатива за вистинскиот идентитет на авторот, ама не е единствен. Други се „Двата Ерла“, Едвард де Вир, Вилијам Стенли, па дури и кралицата Елизабета I.

was-shakespeare-real[1]
Можните „виновници“ зад псевдонимот „Шекспир“: (од горе лево: Френсис Бекон, Кристофер Марлоу, Вилијам Стенли, Едвард де Вир.

Во целава работа има еден факт што уште повеќе ги замрсува конците, или пак којзнае, можеби ги одмрсува: Тоа е дека  „За време на животот на Шекспир, или во првите двеста години по неговата смрт, никој нема изразено ни најмало сомневање околу неговото авторство“, пишува Џонатан Бејт во „Genius of Shakespeare“.

- Реклама -