Ако некогаш си имал/а потешкотија да се наспиеш во нова околина, било да е тоа хотелска соба, нова куќа или кај другар/ка, не си единствениот. Постои нешто што се вика „ефектот на првата ноќ“, ефект кој им е добро познат на научниците што го проучуваат спиењето. Не само тоа, туку е и фактор што тие мораат да го земаат во предвид кога ги анализираат резултатите од експериментите, елиминирајќи ги тие од првата ноќ на испитаниците, кога експериментите се одвиваат далеку од дома или во лабораторија.
Но, што всушност го предизвикува ефектот? Според една нова студија, спиеме лошо во непознати средини како вид на дефанзивен механизам. Додека се обидуваме да се одмориме, една хемисфера од мозокот останува побудна отколку обично, во вид на церебрален еквивалент на спиење со едно отворено око, кога внимаваме на опасност.
„Ако не сме сигурни дека собата е безбедна за спиење, го имаме овој ноќен стражарски систем кој има улога да открие било што што е невообичаено. Како бодигард“ – вели Масако Тамаки, истражувач на спиењето од универзитетот Браун.
За да откријат што придонесува за овој немир во нови средини, научниците го следеа спиењето на 35 волонтери. Волонтерите поминаа две ноќи во лабораторија, на интервал од една седмица, а научниците ја мониторираа мозочната активност, користејќи се со електроенцефалографија, магнетоенцефалографија и магнетна резонанца.
Во првата вечер, тимот открил дека спијачите пројавуваат конзистентна поголема активност во левата хемисфера на мозокот, отколку во десната. Оваа зголемена активност била особено евидентна при длабокиот сон, во соновата фаза наречена „бавно-браново“ (slow-wave) спиење. Оваа активност не прави поподложни да се разбудиме, што истражувачите го демонстираа така што им пуштаа нерегуларни звучни „beep“ сигнали на спијачите.
Кога им ги пуштале овие сигнали во десното уво – стимулирајќи ја левата хемисфера – волонтерите покажале поголема тенденција да се разбудат. Исто така се буделе побрзо и кога била стимулирана десната хемисфера (со звук во левото уво).
Во првата вечер, во другите фази на спиењето (со исклучок на slow-wave фазата) не е забележана зголемена активност или будност во било која од хемисферите, и покрај тоа што истата била следена со истите апарати како и во slow-wave фазата. А се чини дека групата веќе навикнала на лабораториските кревети кога таму преспале и по втор пат, што сугерира дека „ефектот на првата ноќ“ навистина е ограничен само на првата ноќ, и се одвива само во левата хемисфера.
Ова е прв случај на забележана асиметрична slow-wave активност поврзана со првата ноќ кај луѓето, но ова е само прв чекор во истражувањето на ефектот. Научниците сметаат дека во напредните фази на slow-wave спиењето (во ова истражување ја мониторирале само првата) може да дојде и до промена на активноста во хемисферите (десната да стане поактивна), што е на неколку наврати забележано кај животните – кај делфините, на пример.
Останува да се работи на проблемот, но во меѓувреме барем знаеме зошто не можеме да се наспиеме таа кобна прва вечер на ново место. Фала ти, мозоку, ај сеа да свариш по едно кафе.