Само 15% од податоците што ги чуваат фирмите може да се сметаат за нужни за работењето, покажува деталната анализа во глобалниот извештај на Veritas Technologies (водечка компанија на полето на управување со податоци т.е. „information management“) – Databerg Report, објавен вчера.
Истражувањето открива дека дури 52% од податоците кои моментално се чуваат во светот можат да се сметаат за „темни“, што значи дека нивната вистинска вредност и значење не се познати. Следните 33% може да се сметаат за одвишни, застарени или тривијални (ROT – redundant, obsolete, trivial), и со тоа – бескорисни. Ако компаниите и фирмите не се соочат сериозно со проблемот, до 2020 година, на чување на непотребни податоци во светот ќе се трошат 3.300 милијарди долари.
Организациите денес создаваат и чуваат сé повеќе податоци, а тоа е резултат на преовладувачката култура на чување на баш сé – и важно и неважно – и присобирање на секаков вид податоци со индиферентен став кон правилата за задржување на поединечни видови податоци. Во морето на сочувани информации можат да се најдат важни и вредни податоци околу работењето, ама и податоци кои не би смееле да се чуваат подолго од одреден период или воопшто не би смееле да се чуваат.
И самите водители на IT одделите сметаат дека само 15% од сочуваното е витално за работењето. Во меѓувреме, една просечно голема организација која чува околу 1000 терабајти податоци, троши и до 650.000 долари годишно на чување на истите.
„Првиот чекор во решавање на проблемот е секако соочување со истиот и признавање дека денес постои култура на масовно присобирање и наталожување на податоци“, вели Бен Гибсон – главен маркетинг директор на Veritas.
„Сé повеќе организации го воочуваат проблемот. Поеќето од нив се соочуваат со потешкотии, бидејќи не знаат од кои податоци да почнат, какви се ризици може да произлезат од процесот и како да ги издвојат податоците кои имаат некаква вредност“, објаснува тој.
Databerg извештајот се темели на увидот од повеќе од 2500 IT професионалци од 22 земји од светот. Следува откако неодамна беше објавен Data Genomics Index – првиот прецизен увид во тоа какви податоци чуваат фирмите. Индексот на геномика покажа дека преку 40% од сочуваните податоци не се чепнати или на било кој начин обработени или искористени во последните 3 години, па со тоа можат да се сметаат за застарени.
Страв од „Delete“
Најголемиот дел од податоците се „темни“. Тоа значи дека компанијата не ги препознава или пак се работи за „чисти“ податоци – важни податоци за кои компанијата може едноставно да не знае, но ги препознава. Во овој поглед, најлоши се компаниите во Германија (66%), Канада (64%) и Австралија (62%), додека компаниите во САД се некаде на средината на листата, со околу 54% „темни“ податоци.
Најмногу „чисти“ податоци се пронајдени во Кина (25%), Израел (24%) и Бразил (22%), но тоа не го менува фактот што и таму околу 75% од податоците се „темни“ или немаат вредност за работењето.
Во Данска, 48% од вкупните податоци можат да бидат класифицирани како ROT, во Холандија – 44%, а во САД – 30%.
Кон „облакот“
Сé поголемиот стремеж на чување на податоците во таканаречениот „облак“ (cloud), како и сé почестото користење на апликации на cloud платформите, значи дека бројот на корисници на „облакот“ ќе се зголеми за цела една третина, и тоа само во текот на 2016 година. До крајот на годината, cloud услугите ќе ги користат 46% од компаниите, во однос на денешните 33%. Предводници ќе бидат САД и Бразил, а се очекува дури 61% од нивните податоци да се најдат на „облакот“ до крајот на годината.
Компаниите преминуваат кон cloud платформите, пред сé, заради намалување на трошоците на краток рок, но сé поголема е загриженоста дека овој тренд понатаму ќе го продлабочи и ескалира проблемот со чување на „темни“ и непотребни податоци, а со тоа и трошоците околу истото.
Вработените се шлепаат на компаниските IT инфраструктури
Сé повеќе вработени се шлепаат и ги користат ресурсите на компаниите како да се нивни приватни, зачувувајќи податоци во компаниската инфраструктура, податоци за кои плаќа компанијата, а нема никаква корист од нив. Во просек, 26.5 отсто од вработените зачувуваат свои лични податоци на уредите кои им се дадени на користење од фирмата. Со оглед на тоа дека најголемиот дел од тие податоци се „темни“, IT ооделите едноставно не можат да знаат кој од тие е важен за компанијата, а кој е едноставно – видео од мачка. Од приватните податоци на компаниските уреди, најчести се приватните, правните или идентификационите документи (дури 57% од вработените го прават тоа), фотографии (57%), музика (47%), видеозаписи (33%) и игри (26%). Не само просторот што го зафаќаат и трошоците за нивно зачувување, но овие податоци можат да доведат и до сериозни легални проблеми за компаниите, особено во некои земји со построги регулативи околу приватноста и авторските права.