Македонската репрезентација сосема очекувано и на најновата, денеска објавена, ФИФА ранг-листа е под 100. место меѓу најдобрите светски селекции, и покрај тоа што бележи напредок од една позиција.
Македонија месецот август, со 331 бод на своето „конто“, ќе го мине на 102. место, една позиција погоре во однос на јулското рангирање. Можност за подобрување на пласманот пред почетокот на квалификациите за СП 2014 во Бразил ќе имаме преку пријателскиот натпревар со Литванија кој на 15 август нè очекува на националната арена „Филип Втори“.
Од репрезентациите кои се во нашата квалификациска група за СП 2014, најдоброрангирана е Хрватска на 9. место, Србија е на 35. место, Велс на 37-та позиција, Шкотска е на 46. место и Белгија на 53. место на августовскиот ранкинг.
Македонија првите натпревари од квалификациите за СП 2014 ги игра на гостински терен, на 7. септември против Хрватска во Загреб и на 11. септември со Шкотска во Глазгов.
На најновата ФИФА листа и натаму очекувано најдобра е Шпанија, пред Германија, Англија, Уругвај, Португалија, Италија, Аргентина и Холандија.