Добродушниот пекар и бездомникот-чувар

Baker[1]

Мишел Фламан почнува да работи во семејната пекара во Париз уште на 14-години. „Цел живот печам леб, се изморив“, ќе рече сега 62-годишникот. Две години залудно барал некој да ја превземе работата во Дол, на истокот на Франција, ама изгледа му било пишано да ја погледне смртта во очи, пред да може да го најде својот наследник. А го најде – тоа е 37-годишниот бездомник Жером Окан, на кого му ја даде пекарата за 1 евро. Како дојде до тоа е посебна приказна.

Фламан уште како дете мечтаел да вози камион, ама неговиот татко одлучил деак мора да работи во семејната пекара. Во меѓувреме, Мишел ја засакал работата, па така стигнал и до Чикаго. Отворил неколку пекари, пренесувајќи го знаењето и на други, за да може во 2009 да се врати и да се спастри во Дол. Шест дена во неделата, од полноќ до пладне, Фламан стои во подрумот и меси леб, колачи и торти. Сопругата со која живее, пак, продава во дуќанот. И за неа бара наследница. Имаат 3 ќерки, но нив не ги интересира печениот леб.

Окан влегува во неговиот живот во вистински момент. Тетовираниот бездомник со суканици, кој не сака да зборува за своето минато, често се мотал околу неговата пекара. Гледајќи го, срцето на Фламан сé повеќе омекнувало, па почнал да му дава бесплатно кафе и кроасан. Така со недели, секое утро…

И така, еден ден од ланскиот декември, се случила несреќа: заради дефект, печката ослободила поголема количина јаглен-моноксид, а како резултат пекарот се задушува речиси до смрт. Додека лежел среде фурната каде го поминал цел свој живот, кој сега му висел закачен на конец, единствен во близина се нашол токму Жером. Наречете го среќа, или карма, ама Жером повикал брза помош, по што Фламан бил спасен.

„Да не беше тој, ќе завршев на гробишта“, вели пекарот.

Кога по два дена се вратил од болница, му понудил работа на спасителот. Оттогаш, секој ден заедно месат леб и пецива. Во меѓувреме му ја препушта и пекарата, за симболична цена од 1 евро.

„Животот е поважен од парите“, вели тој.

А како пекар, е многу строг. Сепак, воодушевен е од послушноста со која Жером ги следи неговите совети и од неговата посветеност и елан. Во меѓувреме, Жером ги ишиша и суканиците, за да биде уреден и да може да работи во фурната. Никогаш порано немал вистинска работа, чепкал единствено по нешто сезонско.

„Сакам да работам и не се плашам од работното време во пекарата. Морам да сум 100% посветен, муштериите треба да бидат задоволни. Мишел ми приреди огромен подарок. Сега мене ми е редот“.

„Не сум богат, а парите не ми се ни битни“, вели дебелкиот пекар. „Сакам да бидам слободен и да имам свој мир. А ако притоа и Окан е среќен…“

Во септември, кога обуката ќе заврши, Фламан и свечено ќе му ги врачи клучевите на новопечениот пекар.

- Реклама -