Во Перу постои еден мистериозен археолошки локалитет кој е оставштина од Инките, а се состои од концентрични тераси/скали, кои во многу потсетуваат на грчките амфитеатри. Се наоѓаат во градот Морај и поседуваат неколку необични особини. Имаат форма на џиновски чинии, а се пресечени од скалила кои овозможуваат луѓе да се движат нагоре и надоле по терасите.
Најчудната карактеристика на овие структури е фактот што дното никогаш не се поплавува, без разлика колку дожд ќе падне. Се смета дека под дното има формација од многу порозни камења или подземни канали, кои го филтрираат вишокот вода.
Уште еден импресивен факт е што постои голема разлика во температурата во самите „чинии“ – разликата во температурата на највисоката и најниската скала е 15 Целзиусови степени. Оваа температурна разлика одговара со таа помеѓу фармите на надморска височина на морското ниво и планинските висорамнини на Андите (читај: „скалите“ имаат и низинска и планинска клима).
За што им служеле овие тераси на Инките? Постојат повеќе предложени теории, но воспоставен е ставот дека мистериозниот локалитет имал агрикултурна природа, за што зборуваат аквадуктските канали кои служеле за наводнување на секоја скала. Луѓето од Андите биле експерти во градење аквадукти, а згора на тоа, самото име на градот „Морај“ значи „сув компир“.
Многумина сметаат дека овие структури биле користени како агрикултурна истражувачка „лабораторија“ во која инканските свештеници-научници спроведувале експерименти околу тоа кои култури добро успеваат на која височина. Во согласност со ова, се смета и дека откако научниците ќе одределе која е најдобрата висина за која култура, тие самите ги дистрибуирале подобните семиња до фармерите ширум инканската империја, врз основа на тоа на која висина се наоѓале нивните фарми.
Како што освојувале нови земји и региони, Инките пренесувале и одгледувале разни овошја и зеленчуци кои успевале на различни височини и во различни климатски услови. За овие култури да се адаптираат на локалната клима, тие ги засадувале во центарот на скалите т.е. на најдолното и најтопло ниво. Малку по малку, тие ќе ги пресадувале од едно на друго погорно ниво, сé додека растението не било комплетно адаптирано на новата околина.
Ништо чудно да било така, со оглед на тоа дека 60% од светските прехранбени култури потекнуваат од Андите, вклучувајќи ги сите видови на компири, најпознатите видови пченка и познатиот Лима грав.
Згора на се, локалитетот е сé уште во одлична состојба и небаре нечепнат, што укажува на тоа дека скалестите структури биле градени со фокус на инженерскиот аспект и со намера да бидат издржливи.
Културата на Инките интензивно се занимавала со тоа максимално да го искористи секое можно парче земја за најдобрата можна храна. Не само што биле добри во организирање на нештата, туку очигледно и поседувале знаење за тоа како да ги одгледуваат најпродуктивните култури во секој климатски појас на стрмните падини на Андите.