Иднината се случила пред 55.9 милиони години

bones

Историјата си има некој посебен ќеиф да се повторува. Во моментов, луѓето спроведуваат големи експерименти околу климата на Земјата, но исходот можеби веќе го знаеме, и тоа токму благодарение на историјата. Според климатскиот научник Ричард Алеј од Пен стејт, истото тоа што нé очекува или нешто слично, се случило и пред 55.9 милиони години.

Геолозите веќе долго го споредуваат тоа што се случува денес со Палеоцен-Еоценскиот Термален Максимум (PETM). За време на PETM, меѓу 200 и 4500 милијарди тони јаглерод биле испуштени во атмосферата, во период од илјадници години. Причините за тоа сé уште се предмет на дебата. Денес, концентрацијата на јаглерод се зголемува уште побрзо од тогаш, а научната дебата за тоа кој е виновен е одамна завршена. Хинт: луѓето.

Што всушност значи ова? Пишувајќи за Science, Алеј расправа дека многу од климатските и еколошките промени кои се случиле пред 55.9 милиони години, веројатно се на пат да се повторат. Еве еден краток (!) список на она што се случувало за време на PETM:

• зголемена ерозија, што сугерира дека имало поголеми и поинтензивни бури, помеѓу кои имало периоди на долга суша
• масовна миграција на живите видови ширум планетата
• „dwarfing“ (во буквален превод: џуџосување) – големите цицачи станале помали
• колапс на екосистемот на коралните гребени
• зголемен стрес врз животот на растенијата. Можни причини: инвазивни видови штетници, превисоки температури, суша, губиток на плодна почва
• истребување, изумирање и исчезнување на видовите
• атмосферските концентрации на јаглеродот и сите горенаведени последици траеле и до 150.000 години

Научниците проценуваат дека тоталната количина на јаглерод ослободена во атмосферата за време на PETM е слична со онаа што луѓето денес би ја ослободите ако ја изгорат целата резерва од фосилни горива. Се разбира, тоа нема да се случи така – одеднаш, но тоа воопшто не е утеха. Напротив, емисиите за време на PETM се случиле постепено и во многу подолг временски размер и можеби со тоа ѝм се овозможило на Земјата и живиот свет да се адаптираат. Тоа не е случај со шокот што ние ѝ го приредуваме на планетата денес; Алеј заклучува дека „биолошкиот импакт на PETM бил веројатно помалку суров од емисиите предизвикани од човекот“.

Научниците не се видовити, но ако барем малку ја следите ситуацијата со климатските промени, веќе знаете дека некои точки од листата на Алеј веќе почнуваат да се случуваат во денешно време. Се чини единствен избор ни е да се обидеме и да го спречиме или забавиме понатамошниот тек на еколошкиот кошмар кој ни се заканува, или да бараме нова планета и да фаќаме џаде (работиме на ова второво). За да се оствари првото, САД, Кина и другите водечки „штеточини“ во областа на јаглеродните емисии ќе мораат да направат радикални чекори.

- Реклама -