Каубојот од гетото

cowboy

Малик Дајверс има една цел – да им помогне на младите луѓе во гетата на југозападна Филаделфија да останат подалеку од неволјите. Неговото оружје е една малку поинаква и неочекувана форма на терапија – јавање. Децата од сиромашните квартови имаат можност да „висат“ со него и да ги јаваат коњите од неговата сопствена штала, а им дозволува и да им нудат јавање на локалните жители по цена од 5 долари.

Со тоа што ги учи децата како да јаваат и да се грижат за коњите, Малик ги учи и на емпатија, сочувство и одговорност. Неговата армија од тинејџери е позната како „Concrete Cowboys“ (Каубоите од асфалтот) и по сите норми е невообичаена глетка на улиците во гетото.

„Кога почнав со шталата пред околу 10 години, тоа ми овозможи да имам нешто да правам и нешто со што ќе ги држам децата зафатени и посветени, за да не талкаат по улиците и да влетуваат во неволји“, објаснува Малик, кој и самиот пораснал околу коњи. „Во Фили (сленг за Филаделфија) има многу бесчувствително убивање, па се обидувам на децата да им дадам нешто што ќе ги оттргне од такви нешта. А кога почнуваат да учат со животните, тие на некој начин и се смируваат“.

concrete-cowboys-philadelphia2[1]

Еден од урбаните каубоји е и Шахир Дрејтон, кој ги има изгубено својот брат, својот чичко и неколку пријатели – сето како последица на владеењето на насилството на улиците. Веројатно и него не му бегаше истата судбина, ако не беа коњите, кои му помогнаа подобро да се запознае себе си.

„Прв пат се качив на коњ кога наполнив 10 години. Бев млад и бев во стилот ‘Ми се свиѓа овој коњ’. Мислев дека е кул… Коњите имаат темперамент, исто како и ние. Јас и Сенка (Shadow) моравме да ги комбинираме нашите темпераменти за да работиме заедно, бидејќи таа знаеше да ги отфрла луѓето што ја јаваа. А јас секогаш одново ја јавнував…

Кога сум со коњите, тоа ми е како терапија. Можам да се забавувам и да не се грижам за ништо друго што се случува околу мене. Ако не го сретнев Малик, веројатно ќе правев нешта што не би требало да ги правам, и ќе бев во неволја“.

Друг таков каубој е Абдурахман „Ман-Ман“, кој има 16 години, а го сретнал Малик пред 5.

„Кога сум околу коњите ми паѓа товарот од грбот. На пример, кога имам проблеми дома, ова е местото каде што доаѓам за да размислувам за нештата“.

Заедно со Шафир, тие одат во шталата секој ден. Секој си има свој коњ, но работат заедно: околу чистењето на изметот од шталите, бањањето на коњите, променувањето на водата и хранењето. Работата е напорна, но тие тоа го прават со уживање. Во меѓувреме, имаат развиено длабока врска со нивните коњи. Шахир на својот гледа како на средство за слобода, а за Ман-Ман тој претставува одговорност и посветеност.

„Пораснав на лошо место и направив некои лоши работи во минатото. Си земав малку време настрана за да размислам за сé. За две години ќе имам 18 и планирам да одам на колеџ. Морам да седнам, да направам што морам да направам и да го постигнам тоа што отсекогаш го сакав. Мислам дека коњите ме одржаа на правиот пат“.

Во моментов Малик се обидува да собере пари преку GoFundMe, со цел да вклучи повеќе тинејџери во кругот на Каубоите од асфалтот. За 10 дена успеа да собере само 1.500 долари, наспроти целта од 20.000 долари.

- Реклама -