Страв и гадење во кучешкото банкарство

pitbul[1]

Американецот Брус Френсис боледува од редок облик на мултиплекс склероза, па освен тоа што е зависен од инвалидска количка, смртно зависи и од помошта од својот пес-помошник – 9-годишниот питбул Даш. А Даш треба некој и да го шета, но бидејќи Френсис не е во состојба тоа да го прави, тој користи услуги од професионалец, кому му плаќа преку чекови… освен кога банката ќе се подмочне од неоснован страв.

Назнаката „Даш“ на чекот им се видела сомнителна на вработените од одделот за одобрување на трансакции на „Чејс Банк“. „Даш“ на англиски буквално значи „цртичка“, но и „брз трк“, „елан“, „полетност“ – особини што се сосема возможни за едно куче. Но ете, од којзнае какви причини, банкарите се присетиле на „Даеш“, што е арапската кратенка за Исламска држава и заради тоа го препратиле „сомнителниот чек“ на дополнителна „безбедносна проверка“ во секторот за контрола на имоти на странци во Министерството за финансии.

Откако се покажало дека Даш не е некој си странец чиј имот во САД е блокиран и дека нема поврзаност со глобалниот тероризам, чекот е потврден. Френсис е задоволен што проблемот е решен и изрази разбирање за постапката на банката. Шетачот на кучето, пак, воопшто не беше задоволен што исплатата доцнеше.

Туку… Се сеќавате на онаа фразана „…значи тие победуваат“ што ја слушаме уште од 2001-ва? Ако си Американец и по 11 септември веќе не се качиш во авион од страв, значи „тие (терористите) победуваат“. Ако по нападите во Париз веќе не одиш на концерти, „тие победуваат“. Ако сега ти е страв да патуваш во Брисел, значи „тие победуваат“. Ако почнуваш со други очи да гледаш на муслиманите – „тие победуваат“. А ако една банка се плаши да реализира обичен чек од 100-200 долари, од име на човек со мултиплекс склероза и за куче што има сосема вообичаено кучешко име – кој победува?

- Реклама -