Покриени во прав, меѓу отпад и во валкани фабрики – така го поминуваат своето детство децата во Бангладеш.
Над еден милион деца во земјата работат опасна работа. На хартија, минималната возраст за работа е 14 години, но повеќето семејства не го почитуваат ова правило и ги даваат своите деца за аргатлук во малите семејни фабрики, уште од мали нозе.
Овие фотографии се од Дака, каде во една прилика се урна фабрика и уби 1.100 работници. На истите можат да се забележат деца кои заедно со своите родители работат на рециклирање на ѓубре, како и деца кои работат во фабрика за обоени балони.
Според податоците на невладините организации, работат најмалку 7.4 милиони деца, и тоа на возраст меѓу 5 и 17 години. Од нив, 1.3 милиони работат во опасни услови. Сиромаштијата ги принудува родителите да ги испраќаат своите деца да работат тешка физичка работа, меѓу другото и производство на тули, градежништво или собирање на ѓубре.
Минималната плата е 66 центи на час, но на децата им се плаќа помалку. Некои работат на фарми, каде користат опасни алати и машини и опасни хемиски препарати. Во земја со исклучително лошо здравство, тоа се одразува преку тешки последици, предупредува УНИЦЕФ.
Девојките, од друга страна, се испраќаат главно за домашни робинки, каде што работат долги часови во лоши животни услови, со лоша храна и без одмор.