Според порталот Toptenz.net, одредени држави може да не дочекаат 100 години од сега, било заради природни катастрофи или заради политички причини. Чудно, ама дел од нив се и Велика Британија, Канада, Холандија…
Историјата покажува дека државите настануваат, но и исчезнуваат од разни причини. Во 20-от век се распаднаа Австро-Унгарија, Отоманската Империја и Советскиот Сојуз, а аналитичарите сметаат дека слично нешто може да им се случи и на некои од денешните познати држави.
Кирибати – островска држава во Тихиот Океан, не е една од тие познатите, но многу е извесно дека ќе ја снајде истата судбина што ги снајде нејзините два острова, кои потонаа заради покачувањето на нивото на морето. Претседателот на оваа земја веќе ја започна евакуацијата на населението од некои острови, особено по циклонот Пем, а упати и официјално барање до Австралија, Нов Зеланд и Фиџи да ги прифатат Кирибатијанците како трајни бегалци.
Климатските промени можат да ја сотрат и Холандија, која во поголем дел се наоѓа под нивото на морето. За разлика од Кирибати, на Холандија не и се заканува само раст на нивото на морето, туку проблем се и некои насипи кои ја чуваат од морето, а истовремено спречуваат и истекување на евентуалните поплавни води.
Во текстот се вели дека може да настрада и Велика Британија т.е. да не постои во истиот овој облик во 2115 година, пред сé заради честите повици на референдуми.
За Канада би било погубно губењето на Квебек, каде живее четвртина од канадското население, воглавно од француска националност. Такво нешто би можело да доведе до распад на остатокот од земјата, под притисок на регионалните разлики и сепаратистичките движења.
Кога станува збор за Тајван, се смета дека е само прашање на време кога овој остров ќе биде припоен во Кина, во секој поглед.
Некои познавачи сметаат дека исто така прашање на време е кога ќе се сруши Северна Кореја, а според сајтот, кога тоа ќе се случи некаде пред 2115 година, Јужна Кореја ќе биде подготвена да го врати Северот во обединета земја.
Додека мнозинството од светските сили не ја признаваат Палестина како држава, повеќе од две-третини од членките на ОН веќе го направија тоа. Сепак, во комбинација со непријателскиот Израел и големата нестабилност на регионот, слабоста на палестинското раководство веројатно ќе резултира со тоа што до 2115 година, Палестина веќе нема да постои како државен ентитет, велат од Toptenz.net.
Јужен Судан, пак, најмладата држава на светот, веројатно ќе биде и најкраткотрајна. Во 9 од 10 негови провинции беснеат судири, а ако наскоро не се постигне политички и меѓуетничкит договор, земјата тешко ќе опстане во наредните 100 години.
Најмалер сепак се Хаити. До пред некое време, земјата се соочуваше со етничко чистење и судири. Денес сé повеќе ги чувствува последиците од климатските промени.
Македонија (пу-пу-пу) не е спомната.