Throttle/Brake – епизода X Автомобилскиот свет по Женева – втор дел

regera2

Повеќе е од јасно е дека главната ѕвезда во Женева беше Buggatti Chiron, но овогодинешниот саем ни понуди уште нешто, што мислам дека вобпериодот што следи ќе го засени Chiron. Тоа е Koenigsegg Regera. Зошто велам дека ќе го засени новото Buggatti? Па, речиси поради мал милион работи. Но…
Прво и основно, треба да се знае дека Buggatti како дел од VW, е огромна машинерија, т.е најмоќната автомобилска групација, и при вакви ивенти, малата фабрика која доаѓа од Шведска, со сигурност оди во втор план.

Главниот адут на Кристијан Фон Коенигсег е иновативната и уникатна технологија која доаѓа со Regera. Што е тоа што го прави овој автомобил технолошко чудо? За разлика од Chiron кој го вози стариот W16 мотор, нормално доработен, овој автомобил само од претходниот саем во Женева, до овој сега, има направено 3000 измени во однос на подобрување на перформансите. Менувач без брзини, Free Valve технологија???
Да почнеме од моторот, кој целосно е развиен и произведен од Koenigsegg. Тој е 5.0 литарски твин турбо, со осум цилиндри и три електро мотори. Силата која ја произведува моторот е 1115 коњски сили, а трите екектро мотори даваат уште 707 коњски сили плус. Но, поради неможноста да трите електро мотори бидат во полна функција цело време или во секое време координирани со моторот, силата е некаде околу 1500+ коњски сили во секое време, и влечна сила од над 2000 Nm. Ако се земат предвид овие фасцинантни бројки плус масата на Regera која изнесува само 1420 килограми, не е ни чудно што Regera е најбрзиот автомобил во светот од место до 400 километри на час забрзувајки за само 20 секунди. Максималната брзина е 410 километри на час, само десет километри помалку од Chiron. Но според зборовите на Кристијан Фон Коенигсег, автомобилот со други подесување може да оди и повеќе, но неговата филозофија е да ги достигне тие 410 км/ч што побргу.

regera

Koenigsegg Direct Drive е всушност менувач кој има само една брзина, но има и опција down shift, што му дава на автомобилот експлозивна сила и забрзување. Тоа е нешто во овој стил: Си возите лагано во седма брзина, во која инаку Regera си вози цело време, одеднаш гледате Bugatti Chiron, мавате на десната шифт палка на воланот и автомобилот одеднаш ви дава 1500 + коњски сили и забрзување до 400 за 20 секунди. Ако ме прашувате ова е најневеројатниот автомобил во светот некогаш произведен. Да, и Chiron е посебен, но Regera е иднината на хипер автомобилите. Засега толку за Regera, до некоја наредна прилика кога ќе навлезам во деталите на овој супер хипер автомобил.

Koenigsegg Agera RS – Final

Најбргу продадениот модел во историјата на фабриката. Ова е последниот модел од серијата Agera, автомобилот кој ја имаше една од главните улоги во филмот Need for speed. 1144 коњски сили, 1395 килограми, забрзување до 100 за 2,8 секунди и максимална брзина од околу 420 километри на час. Сите 25 автомобили се продадени и ќе се најдат во служба на сопствениците во 2017 година. Одличен автомобил да се заврши една успешна приказна.

Lamborghini Centenario

lamburgini

По повод 100 годишнината на Феручио Ламборџини, од Ламбо ни доаѓа најмоќниот автомобил некогаш направен… Но и најскапиот. Базиран на Aventador, со V12 природно аспириран, 770 коњски сили, 1590 килограми и шасија направена од карбон. Аеродинамиката е фантастична, што значи уште подобри возни својства од Aventador SV. Погон на сите четири тркала, што значи дека и наследникот на Aventador ќе има ист погон. До стотка ќе оди за 2,8 секунди, до 300 за 23,5 секунди и максимална брзина од над 350 километри на час. Само 40 автомобили ќе бидат произведени, од кои 20 ќе бидат роадстер, со цена од 1,9 милион евра. Преубав автомобил, но да се разбереме, за многу помалку пари ќе возите Aventador SV, кој на крајот на денот има скоро исти перформанси.

Aston Martin DB11

aston martin

Најновиот DB автомобил, или автомобил од “вториот век” на Aston Martin. Најзначајниот DB по DB9 од 2003 година. Сосема нови линии, нов мотор, нова ера. 5.2 литарски V12, со 611 коњски сили, забрзување до стотка за 3,9 секунди и максимална брзина од 320 километри на час. Но, повеќе за DB11 во некоја наредна прилика.

Porsche 911R

porshe

Porsche 911R е вистинско изненадување за вистинските вљубеници во спортските автомобили и спортското возење. Лимитирана верзија,всушност 911 GT3, со некои измени во внатрешноста и надворешноста. Најдобрата работа е мануелниот менувач со шест брзини, со кратки брзини, кој на овој Порш му дава вистински спортски шмек. Тука е и намалената маса на автомобилот, благодарение на одстранетата задна клупа и користење на карбон вибер, атмосферскиот мотор кој е истиот како кај GT3, и спортскиот ентериер. Забрзувањето до 100 км/ч е за 3,8 секунди, а максималната брзина му е 323 км/ч. Само пофални зборови за
ова ретро мануелно Porsche.

Corvette Grand Sport

korveta

Оваа Корвета е тркачки ориентирана. Со пакетот од ZO7, и седум степен мануелен менувач, или автоматскиот со осум степени, овој автомобил мери 1,2 Gs во свиоците. Масата на автомобилот е намалена во однос на стандардниот модел. Моторот е атмосферец, 6.2 литарски, V8 со 460 коњски сили. Доаѓа со фабрички Michelin Sport Pilot 2 гуми и можност за карбон керамички сопирачки, што само говори за тркачкиот потенцијал на овој автомобил. Автомобилот ќе се произведува во две варијанти, купе и кабрио. И да, ако се земе впредвид цената која се уште не е позната, но сигурно ќе биде пониска во однос на конкурентите, овој е вистинско лудило, за кое не ви требаат еден тон пари.

Pagani Huayra BC/ Pacheto Tempesta

pagani

Пред пет години, поточно во 2011 година во Женева беше за првпат прикажан вториот супер автомобил на Pagani, наречен Huayra. По изминати пет години, по примерот на Zonda Cinque и Zonda R, дојде време и за Huayra BC. Само ако го погледнеме огромниот заден спојлер, предниот дифузер и поголемите тркала, одма ни станува јасно дека се работи за набилдана, но и поубава Huayra. Засега нема многу информации за перформансите на овој автомобил, но со сигурност се знае дека под хаубата ќе е засилениот 6.0 литарски, V12, твин турбо, мотор кој е позајмен од Mercedes – AMG, и кој ќе испорачува 789 коњски сили. Да напоменам дека обичната Huayra има “само” 720 коњски сили. Намалена е тежината, подобрена е аеродинамиката, а со тоа и возните својства. Промени има и во внатрешноста. Инаку додатните две букви BC, се всушност иницијалите од името на првиот муштерија и пријател на Pagani, Benny Caiola. На штандот на Pagani беше изложен уште еден секси жолт Huayra автомобил со ознака Pacheto Tempesta. Не се возбудувајте, се работи само за нов кит наменет за Huayra, кој ќе биде понуден на клиентите.

Драги читатели, овие автомобили беа според мене ѕвездите или најзначајните во Женева за 2016 година. Некои од нив ќе испишуваат историја, некои допрва ќе се докажуваат и тестираат со конкуренцијата. За крај, можам само да кажам дека овогодинешното издание на Женева беше или ќе биде историско. До наредниот ваков авто спектакл, Ве оставам да уживате во моите, но и во разните други рубрики, кои на било каков начин се поврзани со автомобилите.

voksal chevrolet bugati regera2 porshe

braceeee2

Ваш, Брацо Моралиќ, Throttle/Brake – епизода х

- Реклама -