Фелпс ја заврши кариерата со 22 олимписки медали

Американскиот пливач Мајкл Фелпс ги заврши Олимписките игри во Лондон со триумф во штафетата 4х100 метри мешано и заминува во легендите со 22 олимписки медали, од кои 18 злата.

Не можеше да посака поубав крај од уште една победа, иако машката американска штафета не постави нов светски рекорд. Но, затоа го поставија дамите, кои на 4х100 метри мешано остварија ново најдобро време.

Женската штафета на САД во состав Миси Френклин, Ребека Сони, Дејна Волмер и Алисон Шмит го освои првото место на 4х100 метри мешано со нов светски рекорд, 3:52.05, што е за 14 стотинки подобро од резултатот на кинеската штафета поставен пред три години во Рим.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Претходно, Кинезот Јанг Сун исто така постави нов светски рекорд во дисциплината 1.500 метри слободно. Тој пливаше со време од 14:31.02 минути и го подобри досегашниот најдобар резултат за повеќе од три секунди. Второпласиран беше Рајан Кокрејн од Канада, а бронзата му припадна на Осама Мелули од Тунис.

Холанѓанката Роми Кромовиџојо потврди дека е најдобра пливачка во спинтерските дисциплини, а на 50 метри слободно постави нов олимписки рекорд со резултат од 24.05 секунди.

На крајот, Американците се најдобрата пливачка нација по големите возбудувања што се случуваа во Акватик центарот во Лондон, со вкупно 30 олимписки медали во овој спорт, од кои 16 злата.

- Реклама -