Ти верувам, брате роботе

emergency-guide-robot[1]

Проучувањето на довербата на луѓето во роботите е академско поле што станува сé порелевантно, особено што сме на чекор до иднина со автономни автомобили и сé поусовршена вештачка интелигенција. Ако судиме според научно-фантастичните филмови, ќе заклучиме дека луѓето би имале суштинска недоверба во роботите. Но, едно истражување од Институтот по технологија во Џорџија покажува дека веројатно ќе го имаме спротивниот проблем – премногу ќе им веруваме на интелигентните машини.

Студијата ќе биде презентирана следната недела на интернационалната конференција за интеракција помеѓу луѓето и роботтите, па целиот извештај не е сé уште објавен; сепак, прелиминаторниот извештај покажува неколку важни детали од истражувањето, кое беше спроведено со намера да открие дали жителите на одредена висококатница би им верувале на инструкциите на робот, во ситуација на евакуација. Во принцип, истражувачите се обидуваа да дознаат какво однесување на роботот би успеало да ја придобие довербата на луѓето.

26-те учесници во експериментот немале поим што се случува; тие требало да следат робот со ознака „Робот-водич за вонредни ситуации“. Првото нешто што роботот требало да го направи е да ги одведе во соба каде што тие ќе прочитале статија и ќе учествувале во анкета – сé тоа како дистракција од главниот тест.

Роботот, од друга страна, бил дизајниран да демонстрира некомпетентност пред половина од партиципантите. Најпрво ги однел во погрешна соба, каде одредено време лутал наоколу во кругови, пред да ги поведе во точната соба. Колку и да изгледало глупаво да се продолжи со следење на неговите инструкции кога учесниците се нашле во експерименталната соба и се огласил алармот за пожар, а просторијата се исполнила со (вештачки) чад, сите 26 од учесниците го направиле токму тоа – ги следеле инструкциите и покрај непосредното сведоштво на неговото загрижувачко однесување.

Изненадувањето е уште поголемо што роботот ги водел учесниците во спротивна насока од она што го покажувале знаците за „излез“, кон задниот дел на внатрешноста на зградата. Во последователната анкета, 81% од партиципантите рекле дека му верувале на роботот, додека останатите рекле дека не станувало збор за доверба, наведувајќи разни оправдувања – како тоа дека сметале дека тревогата не била вистинска или дека немале друг избор.

Заради изненадувачкиот резултат, истражувачите направиле уште три помали студии, овој пат со цел да видат колку всушност треба да е инкомпетентен роботот пред луѓето да престанат да му веруваат. 16-те нови учесници биле поделени во три групи од по пет (третата имала 6) – целта не била меѓусебна споредба на групите, туку споредба на секоја од нив со оригиналната, од главниот експеримент. Ова не е стандардна експериментална процедура, ама ваквото играње со мини-експерименти може да покаже во која насока би било најкорисно да се одвиваат идните истражувања.

Прочитајте и:  Почеток на роботската револуција: Мини робот наговори 12 поголеми да побегнат со него

Првата група била сведок на ситуација кога роботот имал дефект уште кога пробал да ги одведе во експерименталната соба, а експериментаторот (што ја придружувал групата) изјавил: „Па, мислам дека роботот пак е расипан“. Сите 5 партиципанти од групата го следеле роботот за време на лажниот оган.

Кај втората група, роботот имал дефект додека ги водел кон собата – застанал со рацете испружени да покажуваат кон задниот излез, проследено со извинување за расипаниот робот, од страна на експериментаторот. Кога се вклучил алармот, роботот не се помрднал, а 4 од петте учесници продолжиле да ги следат инструкциите.

Последната група била сведок на истата ситуација на дефект и коментар од експериментаторот. За време на вонредната состојба, роботот ги насочил кон темна соба без видливи знаци за излез, и со врата блокирана од мебел. Двајца од 6-те партиципанти влегле во собата. Други двајца морале да бидат убедувани да се спасат, кога станало очигледно дека нема да го напуштат роботот“. Последните двајца излегле по истата рута преку која дошле до собата.

Се чини дека стресните ситуации можат да се доволни да ги натераат луѓето на роботот да гледаат како авторитативна фигура од помош и да ги игнорираат неговите претходни дефекти. Можно е ова да има помалку заедничко со довербата во роботите, отколку со тоа што луѓето се наклонети во вонредни ситуации да обрнуваат внимание на најзабележливите сигнали, макар и по цена завршиле во опасност. Како и да е, тоа во случајов не е паметно, а и самиот Пол Робинсон – дипломецот која ја спроведе студијата, изјави дека „истражувачите апсолутно не го очекувале ваквиот резултат“. Тие првично биле загрижени дали луѓето воопшто ќе му веруваат на роботот, но ете, завршиле истражувајќи колку далеку е спремна да оди таа доверба што не ни претпоставувале дека постои.

Како што напоменавме, студијата допрва ја очекува ревизија, пред да биде комплетно објавена, но резултатите се доволни за да укажат дека и тоа како треба да се продолжи со истражување на ова поле.

- Реклама -