Страмо‘ жената ја крепит – предавање и документарец на антропологот Јелена Цветановска

Plakat

На 08.03.2016 (вторник – 11:11 ч.),  во Музејот на Македонија, како составен дел од тековната изложба именувана „Црвен Петел – Црна Кокошка: култови на плодноста, обреди и обичаи“, ќе биде одржано предавањето „Страмо‘ жената ја крепит“ на антропологот Јелена Цветановска.

Предавањето ќе се концентрира на третманот на жените во традиционалното македонско општество, но и на ставовите што жените ги имаат во врска со нивната позиција во рамки на заедницата. Во текот на овој настан ќе се дискутира околу четири референтни теми поврзани со женската чест, брачниот живот, жените – бегалки и женската обредност како извор на моќ, односно теми кои произлегуваат од теренските истражувања на антропологот Јелена Цветановска. Како резултат на овие истражувања е снимен и документарниот филм „Женски приказни“ во коавторство меѓу Јелена и Владо Цветановски, што ќе биде прикажан во воведниот дел од предавањето. На овој настан се поканети сите што сакаат да дадат свој удел во темелна дебата околу предложените теми, но и размислувања за сегашната состојба на жените во руралните и урбаните средини.

- Реклама -