Некаде на џунглестиот остров Кауи (Хаваи), некогаш постоеше мало селско рајче каде облеката не беше задолжителна, отворено се пушеше трева и каде љубовта и слободата беа единствени закони. Тејлор Камп стана дом за немирните млади умови кои гладуваа по шанса да избегаат од турбуленциите на нивната генерација, меѓу кои и ефектите на војната во Виетнам. Млади сурфери, хипици, семејства и ветерани од цела Америка дојдоа да живеат во импровизирани куќи на дрва, направени од бамбус и трски. Тука најдоа внатрешен мир и независност до која немаа пристап во претходниот начин на живот. За волја на вистината, некои дојдоа и за да избегаат од законот, а тука најдоа пријатели, љубовници, браќа и сестри и најубавите спомени од животот.
Фотографот Џон Верхајм пристигнува на Кауи во 1971-та. Тогаш е само 23 години стар. Со себе го носи сето она што го поседува: бонг, даска за сурфање, фотоапарат и единечна вреќа за спиење. Отпрвин е пречекан со сомничави погледи, но потоа ќе налета на голото тело и топлата насмевка на Деби Грин, која ќе го земе под својот шатор и ќе го претстави на заедница што брои над стотина мажи, жени и деца. Тоа општество живее сосема самодоволно и независно, дрвата растат насекаде околу кампот, а имаат и плодна почва и риби со доволно храна за да нахрани и многу поголеми населби од нивната.
„Но, Тејлор Камп не беше комуна“, пишува Верхајм во неговата книга. Не, таму нема гуру, нема дефинирано раководство и никогаш нема само еден глас. Нема пишани правила. Не е демократија. „Тоа е многу повеќе од тоа: заедница оформена во дух што креира ред без правила“.
Како таков, независен од надворешно влијание, Тејлор Камп опстојува 8 години, до 1977-та, кога властите ќе му се намерачат на кампот, бидејќи не им се допаѓа, ќе ги растераат жителите и ќе ги запалат градините, црквите и училиштата, оставајќи само прекрасни спомени потрупани со ништо друго освен пепел. На тоа место, подоцна ќе биде изграден јавен парк.
До ден денес, Џон се сеќава на утописката заедница – што одбиваше материјализам, а наместо тоа се потпираше на терапевтската моќ на природата – со восхит. На секое спомнување на Тејлор Камп го враќа во времето на остварениот сон, кога сончевите зраци имаа навика да се пробиваат низ густите крошни на дрвата, кога смеата ќе бликнеше од телата допрени од истите тие зраци, а чувството на солидарност ги обвиткуваше и едните и другите.