Индонезиските жени и „тестот со два прста“

FEMALE SOLDIERS

Human Rights Watch (HRW) се расправа со индонезиската војска во обид да го искорени т.н. „тест со два прста“, т.е. „тест за невиност“ наменет за женските армиски регрути. Се состои од тоа што професионален доктор проверува дали хименот е читав, во спротивно жената се смета за „немирна“ и со „лош менталитет“, заради што не е подобна да им се приклучи на воените редови. Тестот е интрузивен, дискриминаторски и форма на полово насилство, со право сметаат од HRW. Тие потсетуваат дека невиноста нема никаква врска со националната безбедност, ама индонезиската армија мисли спротивно – дека девиците имаат подобра ментална хигиена.

Генерал Молдоко не гледа во што е проблемот: „Тоа е добра ствар, зошто ја критикувате?“, притоа напоменувајќи дека не постои друг начин да се провери моралот на една жена. Портпаролот Фуад Басја е на иста бранова должина: „За да бидеш воено лице, најважен е менталитетот. Физичките и интелектуалните капацитети се од второстепена важност“.

2_Indonesian-two-finger-test[1]

Ова не е ни прв пат индонезиските доктори да брцаат каде што не им е местото. Лани, полицијата се користеше со истиот метод, со тоа што женските кандидати тогаш мораа плус целосно да се соблечат, пред да биде направен тестот. Ај тоа, ама во февруари едно училиште проба да наметне тестови за невиност во средните училишта – женските ќе мораа да бидат невини, за да дипломираат. Во тој случај, барем, таквата идеја предизвика бурни јавни реакции, па предложувачите се пишманија и го повлекоа.

Женските кандидатки што мораат да поминат низ овој процес го опишуваат како „понижувачки“, „тензичен“ и „тортура“, особено што го извршуваат стриктно машки доктори. Евентуалното носење на женски гинеколог ќе значи само дупла работа, зашто ќе мораат и неа да ја проверуваат, зар не?

Нормално, „тестот со два прста“ е забранет со низа меѓународни договори, од кои барем два има ратификувано и Индонезија.

1_Indonesian-two-finger-test-750x400[1]

- Реклама -