Залутаните мали села во кинеските градски метрополи

5(1432)[1]

Во последните четири децении, Кина доживеа брз урбан раст и масовна миграција од руралните кон урбаните средини.

Помеѓу крајот на 70-тите и почетокот на 21-от век, повеќе од 300 милиони луѓе ги напуштаат селата и се селат во градовите, зголемувајќи го степенот на урбанизација од 17.9% (1978 година) до 39.1% (2002 година), за период од само 24 години. На Велика Британија и требаа 120 години, на САД 80 години, а на Јапонија повеќе од 30 години, за да го постигнат истото.

Во последните неколку децении растот на градското население во Кина е повисок од оној на остатокот од Азија. Во 1982 година, 210 милиони луѓе живеат во урбаните области, или во проценти – 21 отсто од вкупниот број на населението. До крајот на 2015 година, Кина има вкупно градско население од 771 милиони, или 56.1% од целото население. Пресметано е дека до 2025 година, околу 70% од населението на Кина ќе живее во градовите.
6(1234)[1]Таквата брза урбанизација ги трансформира просторните и социјални пејзажи на кинеските градови. Една од највидливите последици на овој експлозивен раст се урбаните села – „chengzhongcun“ (буквално „села во рамките на градот”).

Во некои случаи, овие села се наоѓаат на периферијата на огромните градови, а во други, се целосно проголтани.

Земјоделското земјиште, кои претходно е обработувано од селаните, станува сопственост на владата, додека самите населби се оставени недопрени, бидејќи е премногу скапо да се преселат и да им се компензира на нивните сопственици.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Како резултат на тоа, се јавува ситуација во која мали села се опкружени со облакодери, транспортна инфраструктура, како и други модерни урбани конструкции, типични за големите градови.

3(1906)[1]Во поголемите градови како Гуангжу, Пекинг и Шенжен постојат стотици вакви градски села. Најголемото од нив – Шипаи во Гуангжу, има над 50.000 жители, на површина од еден квадратен километар.

Овие чудни селца не се регулирани од било каква форма на централизиран урбанизам и обично не добиваат јавни услуги од градските власти, бидејќи според регистрацијата на домаќинствата – тие остануваат да важат за села.

Лишени од својата земја – примарен извор на егзистенција, селаните се принудени да градат густи куќи и да ги издаваат на работниците мигранти.

Повеќето од овие села денес се густо населени, преполни со катни згради и тесни улички. Толку е сé збиено, што уличното осветлување мора да биде вклучено и преку ден, бидејќи светлината не успева да продре до улиците.

Од една страна, градските села претставуваат евтини квартови за сиромашното население, но од друга, се расадник на низа општествени проблеми, како криминал, наркоманија, алкохолизам и проституција.

4(1687)[1]

Реконструкцијата на урбаните села е еден од приоритетите во агендата на кинеската влада, но процесот е силно оспоруван. Најчесто користен пристап кон реконструкцијата е целосно уривање на сите постоечки структури, на чие место се градат високи станбени кули. Дел од становите во тие кули потоа се раздаваат на селаните за компензација.

- Реклама -