Throttle.Brake со Брацо Моралиќ Епизода I „Свето тројство“

Ferrari LaFerrari, Mclaren P1 и Porsche 918 Spyder

33308

На почетокот на 2016 година, ќе се навратам на 2015 и автомобилите што ја обележаа. Тоа се три хипер-автомобили или популарно наречени „Свето тројство“. Од самите почетоци на автомобилската индустрија, на спортските автомобили, никогаш немало ваква конкуренција, толку прашина и чад. Кој хипер-автомобил ќе биде на тронот? Влогот е огромен, затоа од трите табори вешто тактизираат со информации, тестови па дури и со пневматици и недозволени спојлери (тоа е случај кај Mclaren P1).
Долг временски период само неговото Височество Veyron беше на најпрестижниот трон. Тоа ги поттикна љубоморните конкуренти да одат на сè или ништо. Сè за престиж. Огромна сума средства се вложени во развојот на овие автомобили, што за Ferrari и Porsche воопшто не е проблем, но за Mclaren ситуацијата е различна. Токму таа ситуација можеби ќе ги однесе на врвот.

Да почнеме со најмоќниот автомобил, а тоа е LaFerrari. Десет години од појавувањето на веќе легендарното Enzo доаѓа LaFerrari. Најмоќното легално Ferrari некогаш произведено.Воедно LaFerrari е и првиот хибриден Ferrari автомобил. Тоа е благ хибрид или KERS технологија која доаѓа од F1, и во даден момент овозможува додатна или екстра сила на моторот, но може да работи и пасивно при мали брзини. Кај овој автомобил електро моторот или KERS се полни со помош на енергијата која ја произведуваат сопирачките. Од Ferrari тврдат дека со оваа технологија (KERS) ја намалиле потрошувачката на гориво за цели 40 проценти. Овој автомобил носи 6.3 литарски хибриден мотор со 12 цилиндри, кој самостојно развива неверојатни 800 коњски сили при 9000 вртежи во минута и влечна сила од 700 Nm при 6750 вртежи. Керсот произведува додатни 163 коњски сили. Финалниот исход е вртоглави 963 коњски сили и 900 Nm влечна сила. Менувачот е седум степен со дупла спојка кој ја пренесува силата на задните тркала. Според мене токму брзината на менувачот кој доаѓа директно од F1 е најсилната алка кај овој автомобил. Системот за сопирање е микс од керамички-карбонски Brembo сопирачки, 398 милиметри напред и 380 милиметри назад. Автомобилот лежи на гума Pirelli P Zero Corsa 265/30/19 напред и 345/30/20 назад. Автомобилот, односно монококот е изработен од карбонска легура која исто така доаѓа од F1. Од фабриката тврдат дека добиле 22% подобра ригидност и шасија од претходникот Enzo. Масата на автомобилот изнесува 1255 килограми иако првичните тврдења беа дека ќе тежи околу 1000 килограми. Овој автомобил е изработен во само 499 примероци, цената му е нешто повеќе од милион долари и не секој може да го поседува, што го прави уште повеќе уникатен. Перформансите се најголемата доблест на овие автомобили, па од Ferrari тврдат дека
автомобилот достигнува брзина нешто поголема од 350 км/ч што според мене е некако бледо издание за хипер автомобил. Забрзувањето е брутално и мислам дека тоа е најсилната страна на овој автомобил. Од 0 до 100 километри забрзува за помалку од три секунди, до 200 за помалку од седум секунди и од место до 300 километри за 15 секунди, што го прави најбрз од трите светци. На патеката на Ferrari во Фиорано, од фабриката тврдат дека поставиле време најбрзо од било кое легално
Ferrari досега, но сè уште не го прифаќаат предизвикот да излезат на мегдан со Porsche на тркачката патека Нурбургринг во Германија.

Mclaren P1 според многумина е најдобриот автомобил меѓу светците. Автомобилот доаѓа од производител кој се занимава исклучиво со производство на супер спорстки и тркачки автомобили и со докажан бекграунд. Неговиот претходник од деведесеттите, Mclaren F1 кој според мене е ремек дело во автомобилската индустрија, е сè уште најбрз автомобил во светот кој носи мотор со природно согорување или n/a (naturally aspirated). За Mclaren, моделот P1 e враќање меѓу титаните, да се биде или не. Да се направи подобар автомобил од легендата F1, е исклучително тешка задача дури и за најголемите. Во случајот на Ferrari со Enzo и Porsche со Carrera GT, каде треба да се направи автомобил подобар од претходниот, мислам дека притисокот кој го имаат луѓето од Mclaren е далеку поголем ако се земат предвид сите околности како што се буџетот, перформансите и статусот – легенда на
претходникот. Можеби токму затоа, овој автомобил е мојот фаворит. P1 доаѓа со 3.8 литарски, твин турбо мотор со осум цилиндри и произведува 737 коњски сили и 719 Nm влечна сила при 7500 вртежи во минута и 2.4 бари турбо потисок. Во комбинација со електро мотор кој произведува 179 коњски сили и 260 Nm влечна сила, финалниот резултат е 916 коњски сили и 978 Nm влечна сила. Овој електро мотор е произведен од Mclaren и не се полни како кај другите два автомобили преку
кинетичка енергија. Батеријата се полни преку самиот мотор или мануелно со полнач во струја и за да  се наполни потребни се околу два часа. Автономно или само со електро моторот автомобилот може да помине само 10 километри, но ова не е Prius и на сите ни е јасно која е неговата функција. Бидејќи батеријата се полни преку моторот и го помага истиот, се смета дека моторот нема турбо лег или празнина (турбо лег е кога ќе притиснете на педалот за гас но одговорот од турбото доцни зошто ладниот воздух треба да се компресира). Автомобилот користи 7 степен менувач со дупла спојка Graziano, кој силата ја пренесува на задните тркала. P1 доаѓа со F1 технологии како што е Instant power assist system IPAS кој дава додатен буст во забрзувањето преку електро моторот, и DRS drag reduction system кој со
помош на заден дифузер, дава поголема праволиниска брзина и додатна кинетичка енергија за електро моторот. Овие две опции се контролираат преку две копчиња на самиот волан. P1 од место до 100 км/ч забрзува за 2,8 секунди, до 200 км/ч за 6,8,
од место до 300 км/ч за 16,5 секунди што го прави побавен од LaFerrari, но 5,5 секунди побрз од неговиот претходник F1. Половина милја поминува за 9,8 секунди и развива 245 км/ч, што го прави “ten seconds car” термин популарен кај љубителите на драг трки. Од Mclaren тврдат дека автомобилот може да достигне крајна брзина од 395 км/ч, но незнам зошто е лимитирана на 350 км/ч. Шасијата како и кај LaFerrari е
карбонска, со што масата на автомобилот изнесува 1395 килограми. Соодносот сила на тежина е 650 коњски сили на тон. Сопирачките се микс од карбон и керамика Akebono и запираат од 300 км/ч до мирување за 6,2 секунди или 246 метри. Пневматиците се исто како и кај LaFerrari, Pirelli P Zero Corsa. Произведен е само во 375 примероци и секако распродаден. Цената му е некаде околу 1.350.000 долари, што го прави поскап од LaFerrari. Официјални мерења и податоци за времиња нема,
исто како и Ferrari, и тие избегнуваат да излезат и да го тестираат својот миленик на Нурбургринг (тркачка стаза во Германија, која поради својата комплексност и должина се смета за најверодостоен тест и репер).

Гигантот од Штутгарт, кој ја зацементира својата позиција во светот на спортските автомобили со моделот 911, некако мака мачеше сите овие години да произведе хипер автомобил, кој ќе ја наследи Carrera GT кој според мене немаше некој голем успех. Инспирирани од митското 550 Spyder, легендата 917 short tail и расположливите F1 технологии, со едноставен збир од Carrera GT+930 Турбо го создадоа најкомплексниот автомобил од триото, Porsche 918 Spyder. Дизајниран од Германецот Михаел Маер, 918 е според мене најубавиот автомобил од триото. Тој е хипер-автомобил, роадстер, со кој можете да ги извршувате најнормално сите Ваши дневни активности, а притоа да се чувствувате комфорно, што е трејд марк на производителот. Но дали би платиле 845 000 долари за да се чувствувате комфорно во овој автомобил??? Автомобилот е придвижуван од 4.6 литарски природно аспириран V8 мотор, со два електро мотори поставени на предната и задната оска. Силата се спроведува со 7 степен DTC менувач со дупла спојка. Електро моторите користат батерии Lithium-ion, 6,8 kW/h кои имаат водено ладење. Моторот сам, произведува 608 коњски сили, а потпомогнат од електро моторите добива додатни 279 коњски сили, за да има вкупна моќ од 887 коњски сили, што го прави најслаб по моќ од триото. Погонот на автомобилот е на сите четири тркала што според мое мислење е полн погодок, затоа што го прави возењето лесно, безбедно но и возбудливо и конкурентно на тркачката патека. Благодарение на погонот на сите четири, автомобилот од мирување до стотка забрзува за само 2,5 секунди, до 200 км/ч за 7,5 и до 300 км/ч за 19.9 секунди што го прави најбрз до стотка, но најбавен до 300 км/ч. Според Car and driver, на нивните тестови, автомобилот има достигнато стотка за 2,2 секунди, што го прави автомобил со најдобро забрзување некогаш тестиран од нив. Максималната брзина изнесува 351 км/ч. Во делот на запирање на
автомобилот, исто така 918 е најдобар и запира од стотка до нула за 28,6 метри и од 300 км/ч до нула за 22 секунди. Сопирачките се електро-магнетни,направени од карбон, технологија која се применува кај возовите. Пневматиците се Michelin. 918 има пет различни лица или пет различни начини на кој може да го возите. Новина е E drive, или придвижување на автомобилот само со помош на електро моторите. Со E drive 918 може да помине скромни 29 километри и максимална брзина од 150 км/ч. Инаку само 918 има опција да ги користи електро моторите автономно. Тука се и hybrid и race кои во основа се истите како и кај другите два автомобили. Екологијата е солидна страна на овој автомобил со емисија на гасови 79 kg/km. Произведен е во 918 примероци.

Момент на вистината…
Кој автомобил е најдобар? Сите три автомобили се piece of art, masterpiece, брилијантни автомобили. LaFerrari е брутален, прав тркачки автомобил, хардкор, највозбудлив за возење токму поради неговата сила. Звукот кој го произведува V12 на LaFerrari е уникатен и одговорно тврдам дека тука е апсолутен победник.

Mclaren P1 и 918 се подобри на тркачката патека, но можеби само затоа што LaFerrari е премногу моќен и сè уште Фетел или Кими не стигнале на патеката Нурбургринг да го докажат спротивното. Единствен со официјално време на Нурбургринг 6:57, е 918, што го прави првиот сериски автомобил кој извозел под 7 минути. Кај 918 како најкомплексен автомобил (и најтежок), со најслаби перформанси, емоциите се измешани, и само ако сте љубител на тој трејд марк, да можете да одите на работа или на пазар, а потоа на тркачка патека, овој автомобил е број еден. Mclaren кој доаѓа од фабрика со значително помал буџет, според мене е инженерско и дизајнерско ремек дело. По сè изгледа  дека овој автомобил е и најбрз, но сето тоа е се граничи со шпекулација и е релативно, затоа што кога P1 е во race mode, не можете да го возите по улица, односно е нелегално, поради висината на задниот спојлер и затоа што автомобилот е премногу спуштен.

Дали трите автомобили ги исполнуваат критериумите за хипер
автомобил? ДА!

Дали сите три автомобили се речиси совршени?

ДА!

Дали сите три автомобили се тотално различни?

Да!

Тие ја вршат истата работа, но начинот на кој ја вршат е дијаметрално спротивен од една до друга.

Дали се подобри од нивните претходници?

За LaFerrari и 918 сум 100% сигурен, ДА, но P1 е сè уште е во фаза на докажување.

Кој од овие три автомобили е најдобар?

Незнам, но ако Стиг можеше да зборува, мислам дека би дал соодветен одговор. До тогаш мој фаворит е Mclaren P1.

Ваш,

braceeee

Брацо Моралиќ,
Throttle.Brake

- Реклама -