Како да препознаеш фејк хуманитарец

fake

Стави малку „Страдањето привлекува внимание“, дотури малку „Убаво е да си хуман“ и – добиваш златна формула за скоро бесплатно рекламирање на некаков си „добротворен“ настан.

Шемата е проста – прво оди објава дека претстои концерт или изложба со хуманитарна цел, наводно за поддршка на човек од крв и месо со реална потреба. Медиумите и социјалните мрежи со невиден ентузијазам ја шират информацијата – сепак, страдањето привлекува внимание, а и сите сакаат да се вклучени во добро дело.

Организаторите добиваат покани за интервјуа и учества во емисии. Интересот што им беше потребен – го имаат. Дел од луѓето ќе отидат на настанот и ќе платат билет или ќе купат некаков продукт, за возврат ќе добијат инстант самопотврда дека направиле добро и дека помогнале. Хуманоста на присутните расте до степен кога сите се задоволни и горди, и безгрижни заминуваат дома.

Откако настанот ќе заврши, тој – човекот со реална потреба од помош, ќе добие некоја мала сума пари или некаков подарок. Тој нема избор – може да е само благодарен за бесплатната помош и добрите намери на луѓето, а обично е така, колку и да е реално безначајна таа помош што ја добил.

Но, понекогаш болните луѓе сфаќаат дека се искористени и дека хуманитарциве најмногу корист извлекле за себе, од целата таа кампања. Тогаш им останува само едно посебно чувство на горчина тешко за изразување, микс од лутина, погазена гордост и благодарност – некој побарал милостина во твое име, не си ја добил, а треба да се однесуваш како да си ја добил. Реално, си добил само сочувство, но и тоа е доволно за да ти ја ублажи болката, душевната. Ама, голото сочувство не го решава проблемот и не лечи болести и сиромаштија.

Се разбира, не сите такви настани ја користат хуманоста како изговор за евтин пи-ар на организаторот. Некогаш ќе чуете за некој таков настан, од кој сите приходи ќе заминат во, на пример, некој „Фонд за лекување на деца”. Едвај ќе разберете кој го организирал и кој сé присуствувал, бидејќи суштината на хуманоста е да се помогне на другиот, а не себепромоција.

Кога е пи-ар

Кога најпопуларните луѓе, оние баш ѕвездите, го користат своето реноме за да соберат пари за некој друг, обично станува збор за хуманост. Кога не толку популарни луѓе се обидуваат да организираат хуманитарен настан, обично тоа е настан кој е хуман единствено по нивната популарност.

За што се зборува

При евтиниот пи-ар, во огласот за настанот, во интервјуата и медиумските настапи учествуваат главно организаторите. Ќе ги спомнат накратко и без особени детали проблемите на болниот човек, а десет пати повеќе внимание ќе посветат на своите емоции, креативни планови и досегашни достигнувања. Генералниот впечаток од слушањето на таквите интервјуа е „Јас, јас, јас!“, а не „Човеков има потреба од тоа и тоа“. Потенцирањето на тоа колку големо дело е настанот, без наведени аргументи зошто е толку големо дело настанот, обично е знак за очаен обид за рекламна мамка.

Ефект

Многу често ќе забележите дека таквиве организатори дури не се ни потрудиле да разберат каква точно потреба има човекот на кој „му помагаат“, што се гледа од самите нивни настапи. Мешаат имиња, мешаат и дијагнози, а на крајот подаруваат подароци кои немаат ништо заедничко со реалните потреби. На пример – потребни се лекови, а човекот добива слика (да, има и такви).

Колку

Тие што организираат фејк хуманитарни акции, ретко прогласуваат колкав дел од приходите ќе одат за добротворни цели. Има примери кога таков настан, од прилично големи размери, наголемо добива бесплатна реклама по електронските и ТВ медиуми, а на крајот се покажува дека за добротворни цели оди само некој смешен процент од сумата, 6% или нешто слично. А салата ти била полна со луѓе, кои веруваат дека помагаат со самото присуство. Фејк хуманитарците обично не спомнуваат колкава сума е собрана и колкав дел од неа оди за добрата кауза.

Ние, наивците, сме во постојано искушение да правиме добри дела. Ни ласка што сме сочувствителни и што им помагаме на оние кои се во неволја. Така во своите очи си го одржуваме имиџот на добри луѓе. Сепак, понекогаш, под маската на милозливоста, некој успева да го искористи тоа и да му помогне на својот бизнис. Треба да знаеме да го препознаеме, во спротивно сме соучесници во таквата ниска нечовечност.

- Реклама -