Полска им воведе данок на банките, парите ќе одат за полските деца

pko1[1]

Некои експерти тврдат дека Полска направи своевидна економска револуција, алудирајќи на тоа што државата го одобри законот според кој ќе се воведе данок на сите финансиски институции.

Банките и осигурителните друштва, од оваа година, ќе плаќаат 0.44% данок на актива, што на полскиот буџет ќе се одрази со 4.4 милијарди злоти т.е. 1.1 милијарда долари годишно, што е еднакво на 32% од годишната заработка на банките во периодот од јануари до октомври 2015 година.

Парите ќе бидат наменети исклучиво за финансирање на субвенции за децата од Полска. Граѓаните се воодушевени; банкарите – не баш. Тие негодуваат и тврдат дека тој нов данок може да го запре растот на кредитните пласмани. Други се уште поисплашени и сметаат дека овој „контроверзен“ данок е не само закана за банкарскиот сектор, туку и за целокупниот економски раст на членката на ЕУ.

„Новиот данок може да го загрози растот на кредитирањето, бидејќи ја смалува акумулацијата на капиталот од страна на банките, што негативно ќе се одрази на економијата на Полска, резултирајќи со побавно темпо на раст на бруто домашниот производ“, предупредува американската рејтинг-агенција „Мудис“, што е чуден аргумент, зашто се чини дека баш „намалувањето на акумулацијата на капиталот од страна на банките“ е и намерата зад законот. Од агенцијата предупредуваат и дека „падот на нето профитот ќе ја намали способноста на банките да апсорбираат шокови“.

- Реклама -