На еден брутален ден на Антарктикот, во јануари 1913, без храна, кучиња, транспорт или сопатник, изгладнет, прекриен со отворени рани и со табаните на стапалата прицврстени на неговото тело само со парчиња такенина, единствената мотивација на 30-годишниот австралискиот геолог и истражувач – Даглас Моусон – да продолжи да живее, беше тоа да го остави својот дневник на место каде истражувачите ќе можат да го најдат.
Иронично, ама неговото патување низ пеколот почна со ветувачки старт. Во улога на лидер на Австралијанската антарктичка експедиција, Моусон и неговиот екипаж од 31 луѓе пристигнаа на 8 јануари 1912 – на место што го нарекоа Срт Денисон. Подоцна, сртот ќе се покаже како најветровитото место (на ниво на морска површина) на планетата, со просечни брзини на ветерот од 80 км/ч. Екипажот ќе постави една од базите таму – во основа колиба на каменест срт, како и уште една – на сантата Квин Мери Ленд. Бродот што требаше да ги врати дома – „Аурора“, не беше планиран да се врати во следните две години, барем не пред 15 јануари 1914.
***
Добро подготвени, луѓето ја преживеале претстојната зима, полна со снежни виулици и ветрови брзи и до неверојатни 322 км/ч. Што ќе рече Моусон, тоа е како „завирување во грчевита бура која гази врз сетилата и остава ужасен впечаток што ретко се доживува дури и во целиот останат дијапазон на природни доживувања. Свет на ништавило: грозоморен, безмилосен, но привлечен…“
Како што одминувала годината и снежните бури се смирувале, луѓето се подготвувале да го искористат (релативно) благото антарктичко лето – кое трае некаде од доцен ноември, па до февруари – за да ја истражат претходно немапираната околна територија. Се поделиле во 8 тима од по тројца луѓе, со тоа што остатокот од екипажот останал да ги одржува камповите. Тимот на Моусон бил составен од швајцарскиот скијачки шампион – 29-годишниот Хавиер Мерц, како и член на Британските кралски мускетари – 25-годишниот Белгрејв Нинис.
Тргнувајќи на 10 ноември 1912, тимот на Моусон имал добро темпо, а еден месец подоцна, веќе се нашле на 480 километри од Камп Денисон. Со оглед на тоа што имале поминато преку два глечера и десетина клисури (често прекриени со тенок слој од мраз што ја покрива и крие јамата под него), луѓето почнале да размислуваат за враќање, особено што морале да стигнат најдоцна до 15 јануари, кога „Аурора“ конечно ќе се врати да ги земе и ќе ги врати дома. Но, тогаш, на 14 декември 1912, се случува трагедија.
Некаде напладне, Мерц, кој скијал напред како извидница за останатите двајца кои возеле санки влечени од Хаски кучиња, застанал за им сигнализира дека напред ги чека уште една јама прекриена со тенок мраз. Мерц немал проблем да го најде безбедниот пат во снегот, па потоа се свртел назад за да се осигура дека Нинис е добро насочен за да ја следи безбедната рута зад него. Да, Нинис бил подготвен.
Откако продолжиле напред, Моусон се изненадил кога видел дека Мерц запира и се враќа назад кон него, со загрижен израз на лицето. Инстинктивно, и Моусон се свртел назад, и бил запрепастен кога таму немало ни траг од Нинис, од неговата санка, или од неговите 6 кучиња… Двајцата, пешки, потрчале назад во потрага по загубениот другар, и наишле на 3-метарски (по растојание) процеп во снегот, со пар траги од санка кои воделе до него, а само една што продолжувала и после процепот (од санката на Моусон).
Врзувајќи се со јажиња, доползеле до работ за да видат дали нивниот пријател е жив, но сé што можело да се види било едно одвај живо и едно мртво куче, и тоа некаде на 45 метри под површината на мразот. Цели 3 часа викале по Нинис и наслушнувале за евентуални траги од движење, но од сотимецот немало ни знак. Јажето им било прекратко дури и за да помислат да се симнат, па морале да се соочат дека загубиле човек, во случајов 1/3 од тимот. Но, не бил изгубен само Нинис. Лошото планирање се покажало фатално за ситуацијата: наместо еднакво да ги поделат залихите помеѓу двете санки, онаа на Нинис го носела шаторот за тројца, најголем дел од храната за луѓето и за кучињата, како и најдобрите 6 кучиња.
Соочени со малку избор, Мерц и Моусон направиле импровизиран камп од рачките на санките и тесниот резервен шатор, и ја поминале очајната ноќ на истото место, планирајќи ги преостанатите 500-тина километри од нивното враќање кон Камп Денисон.
***
Во следните неколку денови, додека и тие и кучињата биле релативно свежи и добро нахранети, успеале да надоместат добар дел од патот. Сепак, заради ограничената храна и постојаниот напор, во следните недели кучињата почнале да паѓаат и умираат од исцрпеност. Секое куче што веќе не можело да трча, го ставале на санката и го носеле сé до наредниот импровизиран камп. Таму го убивале, користејќи го неговото месо како храна, главно за луѓето, но и за преостанатите кучиња. Ништо не се фрлало залудно. Ги јаделе дури и закоравените шепи… Она што двајцата не го знаеле, е дека џигерот на хаските има екстремно високо ниво на витамин А (нутриент кој во преголеми количини може да доведе до сериозни здравствени проблеми)…
Наскоро, двајцата останале со само едно куче, па и самите се зауздале и почнале да ја влечат санката заедно со него, пробивајќи низ длабокиот и тврд снег. Ја зачувале само најнеопходната опрема: ја фрлиле пушката, алпинистичкото јаже, па дури и камерата со која до несреќата го снимале целото патување.
По 16 дена и со малку повеќе од половина преостанат пат до Камп Денисон, Моусон ќе запише:
„Хавиер е без боја. Поминавме 24 километри, застанавме околу 9 изутрина. Се предава – сите негови работи се многу мокри. Постојаниот нанос не му дава на човек ни најмала шанса да исуши нешто, и нашата опрема е бедна. Шаторот ужасно прокапува, целиот прекриен со мраз“.
Исцрпен и со симптоми на хипервитаминоза А, Мерц почнал да опаѓа во формата. На 5 јануари 1913, во барем мала делузија, во обид да му докаже на Моусон дека прстите не му се смрзнати, всушност ќе му одгризе парче од врвот на прстот. Од тој момент, Мерц одбива да оди понатаму. Моусон, пак, немал намера да го остави и го убедувал да се вози на санката, која сега ја влечел тој самиот.
Веќе имале поминато две-третини од патот: на 7 јануари 1913 имале уште околу 160 километри, но Мерц ги преживувал последните часови. Моусон ќе запише:
„За време на попладнето имаше неколку напади и е во делириум, повторно ги наполни гаќите, а јас го чистам тоа за него. Тој е многу слаб, станува сé поизбезумен, одвај и да зборува со смисла. Во 8 попладне збеснува и крши шипка од шаторот. Јас го држам, тогаш се смирува и го легнувам внимателно во вреќата. Умира во мир некаде околу 2 наутро, на утрото на 8-ми. Тој ја има изгубено целата кожа на нозете и интимните делови. Јас сум во иста состојба, а раната на прстот нема да се залечи“.
Сега сам, на најосаменото место на Земјата, Моусон ќе направи гроб од блокови снег, ќе ја исече санката на половина и ќе конструира „едро“ од крзното на Мерц и уште неколку парчиња платно, и ќе продолжи, речиси без храна, со коса што му се откорнува и му останува во рацете, со кожа што му се лупи од нозете, и со отворени рани по лицето и телото. По неколку дена, на свој личен ужас, ќе открие дека табаните на нозете му се откачени, но, упорен и незапирлив како и секогаш, ќе ги залепи назад кај што им е местото, ќе ги обвитка со неколку пара волнени чорапи и ќе продолжи по патот.
Со преостанати околу 128 километри и само неколку дена за да стигне на „состанокот“ со Аурора, шансите на Моусон изгледаат неверојатно мали. И тогаш, уште една катастрофа. Поминувајќи преку мост, ќе се најде како виси од санката врз провалија, држејќи се само на јажето од уздата. За среќа, санката е цврсто заглавена, а по должината на 4-метарското јаже има чворови. Собирајќи ја целата преостаната сила, одново и одново, физички, а сега и ментално истоштен, Моусон конечно успева да се искачи до работ на јамата… само за пак да се лизне и да падне надолу, повторно држен само од уздата. Емотивно, фигуративно и буквално висејќи на конец, Моусон размислува сам да се одврзе и конечно да го запре сето страдање паѓајќи во длабочината на клисурата. Во тој момент му текнува на еден стих од „Откажувачот“ на Роберт Сервис: „Обиди се само уште еднаш – смртно лесно е да умреш, да продолжиш да живееш – тоа е тешко“.
Тој „уште еден последен обид“ ќе го искачи Моусон преку работ. Тогаш следува шокот од целиот настан, а Моусон седи неподвижен речиси цел час…
„Со часови лежам во вреќата, превртувајќи си во умот сé што помина зад мене и шансите за иднината. Се чинеше дека седам сам на работ на светот. Физичката состојба ми беше таква што чувстував дека ќе колабирам во секој момент… Се чинеше дека нема надеж. Лесно беше да лежам во вреќата, а надвор времето беше сурово…“
Пак, како и претходно, Моусон успева да се консолидира. Претпоставувал дека веќе го пропуштил бродот, но продолжил со патувањето, иако верувајќи дека е осуден на пропаст, но сепак со мала надеж дека ќе стигне до место каде што ќе може да го остави својот и дневникот на Мерц, за следните поколенија на истражувачи, за да се знае нивната приказна.
Надежта одново блеснува кога – на 29 јануари 1913 – Моусон открива сандак со залихи од храна и облека, на кој стоела порака од членовите на неговиот екипаж, кои биле во потрага по неговата мала група, оставена само неколку часа порано. Во пораката пишувало дека Аурора сé уште чека на него.
Ова се случува на „само“ околу 45 километри од Камп Денисон. Сепак, на Моусон му биле потребни 10 дена да стигне до базата, делумно заради неговата слаба физичка состојба, но и заради страшната вејавица што го приморала да преседи речиси цела седмица засолнет во една пештера, на само неколку милји од главниот камп. Кога конечно излегол од пештерата и ги направил последните напори да стигне во кампот, го пречекала глетка на бродот Аурора во далечината, како заминува… Го пропуштил само за неколку часа.
***
Тоа не е крајот. Шестмина од неговиот екипаж доброволно останале во кампот, со намера да организираат потера по изгубениот тим на Моусон. По неговото пристигнување, малата група се обидела да го искомуницира бродот преку безжичен телеграф, но заради уште полошите временски услови, бродот не можел ниту да се врати, ниту да остане – отпловил кон дома.
Приморани да останат уште една зима на замрзнатиот континент, добро подготвената екипа мудро го искористила времето, спроведувајќи дополнителни научни истражувања, меѓу кои и проучување на феноменот Аурора Аустралис, мапирање на уште поголем дел од регионот и пронаоѓање на првите метеорити на Антарктика. За сето тоа време, успевале некако да комуницираат со надворешниот свет, експериментирајќи со безжична трансмисија со голем досег.
И покрај работата и сега изобилството на залихи, на Моусон му требало некое време за ментално да закрепне од неговата измачувачка авантура.
„Мислам дека нервите ми се во многу сериозна состојба, а чувството што го имам во главата ми вели дека ќе полудам многу наскоро. Моите нерви очигледно доживеале голем шок“.
Моусон се враќа во Австралија во февруари 1914. За неговите истражувања на Јужниот пол, во 1915 му беше доделен златен медал Founder’s Gold Medal, а во 1916 – David Lingstone Centenary Medal. Напиша и фасцинантна приказна околу неговото патешествие – „The Home of the Blizzard“. Се ожени, беше именуван за витез во 1914-та, служеше како мајор во британската армија за време на Првата светска војна, стана професор на универзитетот во Аделаид, па дури и се врати на Антарктикот во 1929-тата (до 1931-та). Почина од удар на 14 октомври 1958, на неполни 76 години. Неговиот лик стои на австралиската банкнота од еден долар.