Луѓе од сите земји во светот активно учествуваат во лотаријата за „Зелена карта“, со која добивате можност да живеете во САД. Во меѓувреме, се чини, пак, дека добар дел од Американците не сакаат да живеат во својата земја.
Рекордни 4279 лица се откажале од државјанството во 2015 година, информира CNN. Тоа е за над 20% повеќе во однос на претходната 2014 година, кога 3415 лица кои живеат во странство ги прекинале врските со САД. За споредба, нивниот број во 2013 година бил точно 3000, додека во 2012-та, од државјанство се откажале само 933 граѓани. Бројот на раскрстувања со САД во 2015 година, е дури 18 пати поголем од бројката во 2008 година.
Основна причина за ова се даноците, кои Американците што живеат во странство, треба да ги плаќаат на приходот остварен во другите земји во светот.
Според последните податоци, над 7.6 милиони Американци денес живеат во другите земји во светот, со тоа што секој од нив е должен да ги пријави сметките во банките со над 10.000 долари, како и средствата во соодветната земја. Во случај банката да не ја пријави сметката на американски државјанин, поради било каква причина, ќе биде приморана да плати казна.