Ова се ризични времиња. Не дај Боже да ти се испушти некој важен момент од новиот Стар Ворс! Сите што се околу тебе и не го гледале, а планираат, ќе ти упатат погледи како да сакаат да те убијат, како да се гладни волци некаде во снежна планина, каде што ти си единственото парче месо.
Секој си има своја спојлер (од spoil – на анг. „расипува“) приказна. Оние постарите кои го гледале „Империјата го возвраќа ударот“ некаде во раните 90-ти во кино, сигурно доживеале некој да се развика „Дарт Вејдер е *** *** Лук Скајвокер!“. Поновите генерации имаат слична приказна со Фајт Клаб – од нигде никаде, некој ќе ти каже дека ликот на Едвард Нортон *** *** Тајлер Дурден.
Спојлер културата е насекаде по Интернет. А излезе некој нов поголем наслов, Фејсбук ти е полн со молби од типот „Дај не пишувајте спојлери за x или y, уште не сум го гледал!“. Порано не било така.
Спојлерофобијата (да, си доби и назив) е директна последица на комплексните начини на кои денес консумираме медија. Гледањето на пренос на ТВ е одамна реткост во свет каде што се гледаат содржини „на барање“, на платформи од типот на Нетфликс и сличните. Со таблетите и смартфоните не само што можеме да одбереме кога да гледаме нешто, туку и каде да го гледаме. Ама од друга страна, со ваквата голема слобода, како и со секоја друга, доаѓа и голема одговорност. Така, одеднаш постои некое широко-распространето очекување дека тој што гледал некој филм или серија што изглегла неодамна, треба да внимава и да не зборува за тоа. Во спојлер културата се случува нешто налик на она во Фајт Клаб: „Првото правило на боречкиот клуб е да не зборуваш за боречкиот клуб“.
Ама ова знае да иритира, не само оној што е воодушевен од изгледаното и сака да зборува за тоа, туку особено за филмските критичари. На крај краева, како можеш да напишеш критика за нешто без да издадеш некој елемент од плотот? Во 2006-тата, Џонатан Розенбаум (американски филмски критичар) расправаше за тоа што значат спојлерите за филмскиот критицизам, аргументирајќи дека спојлер културата му дава привилегија на плотот и наративот, за сметка на останатите форми на стилот:
„Зошто е наводно спојлер ако речам дека Touch of Evil почнува со експлозија на активирана бомба, а не е спојлер ако речам дека филмот почнува со долг кадар снимен со кран?“
Ете, овој аргумент важеше и пред 10 години, ама денес претставува навидум сериозен проблем. Спојлерите целосно се вртат околу плотот.
Спојлер етика
Туку, штом спојлер културата има одредени очекувања за нечие однесување и се обидува да воспостави одредени норми на однесување, значи дека зборуваме за одреден вид етика. Па, кои се правилата на спојлер етиката? Па, може да се рече дека ги нема. За нив секојдневно се преговара (со пцовки, со навреди, со сé во пакет) на Фејсбук, Твитер или Tumblr. На пример, која е временската граница на еден спојлер? Дали е дозволено да се зборува за филмот ако веќе поминало неговото прикажување во кино? Или се чека некој одреден број на месеци, за сите да добијат подеднаква шанса да го гледаат? Се чини дека никој не знае со сигурност. На веб-сајтот на Британскиот филмски институт стојат предупредувања „внимавај, спојлери!“ дури и на кратките содржини на филмовите што излегле уште пред 70 години! Од друга страна, уште една „нерегулирана сива зона“ се филмските адаптации на книги. Што правиме со тие што ги прочитале книгите? Ги доживуваат ли и тие филмските адаптации различно од оние што не ги прочитале книгите?
Иритацијата околу спојлерите е нов феномен. Постарите новели (како на пример делата на Чарлс Дикенс) некогаш содржеа кратки содржини пред почетокот на секое поглавје, кои пак ефективно ја поставуваа наративната основа и им овозможуваа на читателите да уживаат во другите елементи од приказната. Едно е сигурно, подемот на спојлер културата говори помалку за тоа како начинот на консумација на медијата се менува под дејство на новите технологии, а многу повеќе за тоа дека ние денес, како општество, ја консумираме поп-културата како и сé друго – на поплитко и посимплифицирано ниво. Зарем не претеруваме со ова стравов од спојлери?