Подводните авантури на Мајкрософт

618x346[1]

Кога лаптопот или смартфонот ќе ти се загрее, тоа значи дека е натоварен со тешки процеси и мноштво податоци. Но, тоа не значи дека треба да го потопиш во вода, за да се олади.

Е ама Microsoft не слуша. За нив, потопувањето на цели центри на податоци под вода е едноставно брилијантна идеја. Според истражувачите, центрите за податоци консумираат до 3 проценти од електричната енергија на глобално ниво, па големите фирми се заинтересирани за енергетски ефикасни начини за складирање на огромната количина на информации, се разбира, пред сé од финансиски мотиви. Така, Microsoft тестира еден радикален метод за решавање на проблемот – чување на податоците под вода.

Потопувањето на „Леона“

Во рамките на проектот т.н. Project Natick, беа извршени тестови на првата подводна капсула – дата сервер на компанијата, наречен „Леона Филпот“ (според хероина од видео-играта Halo).

Microsoft вели дека има две главни причини за спроведување на подводниот експеримент. Првата е дека половина од светското население живее на оддалеченост до 200 километри од брегот, па центрите за податоци поставени во морињата и океаните би го намалиле времето за пренос на податоци од изворот до клиентите. Втората е поврзана со заштитата на животната средина: со инсталирањето на центри за податоци во водата, би се елиминирала потребата од ладење. Згора на тоа, во иднина ваквите центри би можеле да се градат заедно со објекти за генерирање на обновлива енергија, со што штетните гасови би биле сведени на нула.

618x345[1]
Длабоко во океанот, серверите на Мајкрософт ќе бидат на ладно 24/7. Се очекува дека ќе можат да работат и до 10 години, самостојно, без речиси никаква човечка поддршка.

На запад ништо ново

Според „Гринпис“, Мајкрософт веќе заостанува на ова поле. Според годишниот извештај на еколошката организација, Мicrosoft е далеку зад Apple, Google и Facebook, кога се работи за употребата на чиста обновлива енергија.

Голем број компании веќе некое време размислуваат околу нови решенија за складирање на податоците, вклучувајќи преместување на центрите во земји со студена клима. Така, во 2013-та година, Facebook отвори центар во Северна Шведска, на приближно 110 километри од арктичкиот круг. Во објектот функционираат десетици илјади компјутерски сервери, кои се напојуваат целосно со енергија произведена од хидроелектричните системи во близина.

Светла иднина

Првиот подводен центар за податоци функционираше на еден километар од калифорниското крајбрежје, од август до декември 2015 година. Во моментов, резултатите се на анализа во седиштето на Microsoft во Редмонд. Прелиминарните наоди по сé изгледа се позитивни, со оглед на тоа што Мајкрософт најавува и други предности на подводните центри за податоци. Една од нив е тоа што за еден таков центар да биде поставен и пуштен во функција, потребни се само околу 3 месеци. Навидум звучи како долго време, но би било и тоа како корисно за региони без интернет конекција или региони што биле погодени од природна катастрофа. Исто така, подводните центри можат и да овозможат интернет конекција за голем број на луѓе собрани на едно место, на пример – за време на Олимпијада или светско првенство.

Microsoft веќе работи на следниот чекор – подводен систем три пати поголем од „Леона Филпот“. Тестирањата ќе почнат следната година.

- Реклама -