Северна Кореја лансираше ракета, свикан итен состанок на Советот за безбедност

Severna_Koreja_raketa[1]

Од полигонот за тестирања во базата Тонгчанг, кој се наоѓа на североисточниот Корејски полуостров, во 9.31 по локално време беше испалена балистичка ракета со голем домет, која го прелета Жолтото и Источнокинеското море, помина низ јапонскиот воздушен простор и падна во Тихиот океан во близина на Филипините.

Се работи за најнова проба на севернокорејската ракетна технологија, која според тврдењата на Пјонгјанг е насочена кон развој на ракета – носач на сателит. Останатите земји од источна Азија, меѓу кои и Јужна Кореја и Јапонија, пак, чинот го доживуваат како практичен тест на балистички проектили со воена намена.

Севернокорејскиот проектил беше следен од американски сателити и воени бродови, јужнокорејски и јапонски пловила и копнени радари – забележано беше одвојување и пад на сегменти од ракетата во Жолтото море, Источнокинеското море и во Тихиот океан, 2.000 километри јужно од Јапонија, во близина на Филипините.

Се смета дека се работи за унапредена верзија на ракетата „теподонг 2“, која има домет од над 10.000 километри и би можела да стигне и до САД. Аналитичарите во источна Азија истакнуваат дека лансирната рампа со висина од 50 метри е направена неодамна и сега достигнува 67 метри, што значи дека се работи за поголем и потежок проектил.

Прочитајте и:  Блинкен: Вклучувањето на Севернокорејците во непријателствата во Украина ќе добие силен одговор

Итен состанок на Советот за безбедност на ОН

Јужнокорејската претседателка Парк Гунхје, веднаш по добиените информации за лансирањето на севернокорејската ракета, свика итен состанок на Советот за одбрана составен од воени експерти и дипломати, со цел (меѓу другото) да се разгледа и опцијата за заострување на санкциите кон северниот сосед. Јужнокорејскиот амбасадор, пак, побара состанок на Советот за безбедност во Обединетите Нации.

Вонреден состанок на Националниот совет за безбедност имаше и во Токио, а во првата јавна реакција кон лансирањето, јапонската влада ја осуди севернокорејската проба како кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со кој на Северна Кореја и се забранува вршење на балистички проби.

mkd-242001[1]

Неодамна, на 6-ти јануари, Северна Кореја ја одржа четвртата нуклеарна проба, па се смета дека земјата е сé поблиску до остварување на стратешката цел – да поизведе нуклеарни бомби и интерконтинентални балистички проектили со кои ќе може да ги загрози не само своите соседи, туку и САД.

- Реклама -