Украдена спомен-бистата на Гоце Делчев

Македонија ја потресува национален срам од примитивизам и вандалски однос спрема сопствената историја. По незапаметената кражба на седум бронзени бисти на првоборците од НОБ во Прилеп на 29. март, арамиите синоќа ја изведоа најголемата операција досега, одведувајќи го во непознат правец најголемото обележје на скопскиот градски парк.

gradski_goce

Останува нејасно за локалните власти и органите на МВР како крадците успеале да го отстранат 2,5 тони тешкиот споменик без да бидат забележани, и што е најчудно, не оставајќи некоја позначителна трага при заминувањето.

Според началникот Минчо Петковски, кој беше назначен од премиерот да ја води истрагата за пронаоѓањето на споменикот на Гоце Делчев, шпекулациите и доказите од местото сеуште не се доволни за да се покрене обвинение.

„Премиерот назначи специјална единица која ќе трага по овие криминалци без национално чувство и ќе го запре синџирот на бесрамни криминални дела кои посегаат по државното богатсво и култура на Македонија. Многу е важно криминалците да бидат откриени во следните неколку дена, бидејќи потоа споменикот може да биде исечен на мали парчиња, претопен и продаден на отпадите во соседна Бугарија или Грција.“ – изјави Петковски.

Крадците успеале да влезат со камион во близина на споменикот преку пешачката патека спроти пицеријата „Занзибар“, каде при излегувањето се соочиле со потешкотии во маневрирањето, оштетувајќи ја оградата од летната тераса на овој ресторан. На тревата во паркот може да се видат свежите траги од камионот, меѓутоа истите биле вешто отстранети од мермерната стаза околу споменикот.

„Апелираме до МВР и судските органи сторителите да бидат бргу откриени, зашто ова е очигледно најголемата кражба на бисти и сквернавење на историски споменици досега“, вели Сашо Бенчевски, директор на Заводот за заштита на спомениците и музеите.

Според стручната екипа од Заводот, мотивите на сторителите можат да се толкуваат, од една страна, како негирање на поединци од македонската историја кои придонеле за денешната слобода, а од друга страна, може да е во прашање само профит од продажба на бронзата како метал.

Ретроспектива на украдени споменици во Македонија

Неколку спомен-бисти на левата страна од реката Црни Дрим во центарот на Струга беа осквернавени месецов. Од бетонските постаменти беа откинати главите од бронза на бардовите на македонската литература Славко Јаневски и Ацо Шопов.

bisti

Следејќи ги трагите, беше пронајдена бистата на Славко Јаневски, украдена од Алејата на поетите во Струга. Била фрлена во ендек близу до Охрид. Четирите малолетници кои ја украле не успеале да ја продадат на откупните пунктови за старо железо. Сите се здобија со кривични пријави.

Постаментите на Рацин, Мисирков, Орце Николов, Цветан Димов и Никола Вапцаров во градскиот парк лани останаа празни.

cvetan_dimovСпоред случаите кои полицијата не ги архивира, но дневно ги евидентира, речиси секој ден во Скопје се крадат десецити капаци и решетки. Оваа појава најмасовна стана на почетокот на минатата година. Тогаш комуналните инспектори само во скопската општина Гази Баба евидентираа дека недостигаат 52 решетки и 2 капака за шахти.

Лани почна и соработката меѓу складиштата и пунктовите за отпад на старо железо каде најчесто се продаваа капаците и решетките. Освен на тие места капаци и решетки можеа да се купат и на скопските бувљаци каде за пет капаци за шахти откупувачите даваа и до 1.000 денари. Оттогаш цената падна, па сега за капак од шахта како старо железо се добиваат само 50-тина денари.

Ни железничките пруги последниве две години не останаа раат од крадци на железо. Од трасите и од железничките станици најмногу се крадат сигурносните кабли. Тие се најлесни за крадење, а содржат доволно метал да се постигне добра тежина во откупните пунктови. Многу поретки се, но сепак ги има, случаите кога арамии украле цели шини или прагови од пругата.

Украдените бронзени бисти на народните херои и скулптурите не се продаваат на отпадите за старо железо, туку се претопуваат и претопената бронза се продава во странство, најчесто во Бугарија и во Грција.

crna_mostДосега, најспецифичен случај на кражба за да се заработи од старо железо беше оној во април лани кога 10-тина луѓе го исекоа целиот железнички мост на Црна Река кај Стоби, стар 60 години. За само еден ден, со оксиген и брусалици, работниците успеле да го распарчат целиот мост на делови, да го натоварат и да го транспортираат, наводно, во правец на грчката граница.

Тие тогаш распарчија мост “сведок на историјата”, уништен од фашистичкиот окупатор во втората светска војна, а обновен од повоените југословенски армиски инжинерски единици по повод 40-годишнината од формирањето на инжинерските единици на ГШ на НОВ и ПО на Македонија. Челичниот мост беше долг 50-тина метри и тежок над 300 тона. Кога биле исечени главните делови, работниците донеле кран со кој ги извлекле на патот деловите од тешката челична конструкција. Покрај патот сечењето продолжило на помали делови за да може челикот да се натовари. Додека една екипа го парчосувала мостот на делови, друга екипа ги сечела шините и од дрвените шински прагови ги ваделе металните делови.

- Реклама -