На 13-ти јануари, навршија точно 4 години од потонувањето на Коста Конкордија. Италијанскиот крузер, кој пренесуваше 4.200 патници, се судри со карпите близу брегот на медитеранскиот остров Џиљо и потона како резултат на огромната расекотина долга 70-тина метри. Триесет и двајца загинаа, а остатаните успешно беа спасени. На 11-ти февруари 2015-тата, капетанот на бродот – Франческо Скетино, беше осуден на затворска казна од 16 години, за убиство од негрижа (помеѓу другото).
Катастрофата на Коста Конкордија и компликуваниот легален хаос што произлезе од истата, го привлече медумското и светското внимание. Истото беше случај и со скапото извлекување на остатокот од она што некогаш беше луксузен брод, за кое беше користена специјално изградена платформа, воздушни резервоари и месеци и месеци човечка работна сила. Хаварисаната конструкција беше поместена, за прв пат, дури во јули 2014-та – повеќе од две години по бродоломот. Оттогаш па наваму, бродот е закотвен во пристаништето на Џенова, каде што ќе биде целосно уништен и продаден како старо железо (истото ќе трае најмалку една година).
Фотографот Џонатан Данко Килковски е еден од оние што беа фасцинирани од секоја етапа од приказната на „модерниот Титаник“. За разлика од властите кои сметаат дека трагедијата треба што побрзо да биде избришана од меморијата, Килковски смета дека треба да се документира што е можно повеќе, особено со оглед на тоа дека деталите наскоро ќе бидат уништени, а сé уште постојат неодговорени прашања. Откако не успеал да добие официјална дозвола за посета и фотографирање на бродот, Данко морал да преплива до него (200 метри), илегално, среде ноќ, во недела кога немало чувари. Ама се исплатело. Наградата со која се врати е галеријата во продолжение, во која е овековечен прекрасниот пустош на „бродот на духови“.
„Беше мирно, но и екстремно морничаво, бидејќи можеше да се насети паниката насекаде низ бродот. Ходниците беа навистина тесни, а таваните ниски. Одиш низ халата и има багаж и метални колички на тркалца расфрлани насекаде. Луѓето го спакувале својот багаж и се упатиле кон палубата и чамците за спасување. Но, очигледно е дека во еден момент испуштиле сé што носеле и почнале да трчаат. Само замисли, сите чамци за спасување се на палубата, а 4.000 луѓе се стискаат во нив. Едноставно, можеш да ја почувствуваш паниката во воздухот“, раскажува Килковски.
За видео тура низ потонатиот крузер, додека сé уште беше под вода, можете да кликнете ТУКА.