Америка го обвини Путин за корупција

За прв пат американската Влада излезе со обвинувања за корупција против рускиот претседател Владимир Путин.

„Владимир Путин е корумпиран и тоа се знае веќе со години”, коментира Адам Шубин од Министерството за финансии на САД за BBC.

putin

Шубин одговараше за обемот и сериозноста на казните што американската администрација ги наметнува против странски физички и правни лица.

„Видовме како ги збогатува своите пријатели и блиски сојузници преку државни средства, додека ги маргинализира оние кои не ги смета за пријатели. Без разлика дали тоа го прави преку енергетското богатство на Русија или преку други државни нарачки, тој ја насочува добивката кон оние за кои верува дека ќе го опслужуваат, и ги исклучува сите кои што не го прават тоа. За мене тоа е форма на корупција “, вели Шубин во интервјуто.

САД воведе санкции против бројни високи лица од руската елита во 2014 година, велејќи дека Владимир Путин располага со тајни инвестиции во енергетскиот сектор.

До овој момент, сепак Вашингтон не го обвини директно рускиот претседател за корупција.

Адам Шубин одбива да го коментира тајниот извештај на ЦИА од 2007 година, во кој се проценува имотот на Владимир Путин на речиси 40 милијарди долари, но вели дека рускиот претседател поседува огромно лично богатство.

„Формално, тој добива државна плата во износ од околу 110 000 долари годишно. Ова сепак не одговара на фактичката состојба, тој има долгогодишна подготовка и практика на прикривање на конкретниот имот”, вели уште Шубин.

Кремљ излезе со лута реакција против сите обвиненија за корупција врз Путин.

„Содржината на овој материјал е чиста измислица и клевета, што нема никакви основи”, изјави денеска портпаролот на Путин, Дмитриј Песков пред новинарите во Москва.

Песков побара од американското Министерство за финансии директни докази за корупцијата на Путин.

Прочитајте и:  Зеленски: Украина можеби ќе треба да почека и да го надживее Путин за да си ја врати територијата

„Ако тие оставаат слични официјални пораки без докази, тоа фрла дамка врз угледот на целата институција”, продолжи прес-секретарот на претседателот.

Според него – администрацијата на САД веќе е обврзана да обезбеди конкретни податоци и да докаже дека изјавите на Адам Шубин не се “празна клевета”.

Истрагата на BBC за тајното богатство на Путин цитира и еден од поранешните соработници на рускиот претседател – Дмитриј Скарга, поранешен директор на државната превозна компанија Совкомфлот, кој изјави дека лично го надгледувал трансферот на јахта од 35 милиони долари, наменета за Владимир Путин.

Скарга тврди дека 57-метарската јахта “Олимпија” му е подарена на Путин од страна на олигархот Роман Абрамович.

„Факт е дека преку свој претставник г-дин Абрамович ја префрли јахта на Путин”, вели Скарга. “Јас лично бев на одборот на јахтата на крајот на март 2002 година во Амстердам. Таму се наоѓаше и претставник на г-дин Абрамович, кој рече дека Роман е сопственик на јахтата“.

Скарга тврди дека подоцна “Олимпија” поминала под контрола на рускиот претседател преку оф-шор компанија. Потоа тој лично се занимавал со старателите на јахтата на Путин, а има подготвено и извештај за оперативните трошоци за одржување.

„Јахтата беше одржувана на сметка на државниот буџет“, вели тој.

Скарга тврди дека јахтата е чувана во тајност, бидејќи му припаѓа лично на Путин, а не на државата.

Адвокатите на Роман Абрамович ги негираат тврдењата на Скарга пред “Панорама” и ги опишуваат како “шпекулации и гласини”.

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, коментира пред BBC дека “ниту едно од овие прашања не заслужува одговор, бидејќи тврдењата се чиста фикција”.

„Јас знам дека претседателот не поседува јахта. Тоа го знам“, рече денес Песков на специјалната прес-конференција.

 

- Реклама -