Министерството за култура ги соопшти резултатите од објавениот конкурс за финансирање на проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата за 2016 година“.
На конкурсот пријавени биле 5 градови: Битола, Берово, Струмица, Дојран и Тетово.
„Во врска со објавениот Конкурс на Министерството за култура за финансирање проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата за 2016 година“, ве известуваме дека по разгледувањето на пристигнатите пет пријави од градовите Битола, Берово, Струмица, Дојран и Тетово, беше одлучено дека Дојран, со понудената апликација, ги исполнува условите да биде престолнина на културата за 2016 година“, стои во соопштението од Министерството за култура.
Програмата на Дојран содржи широк спектар на културни содржини од сите дејности, проекти кои ја афирмираат културата и промовираат врвни културни вредности кај младата популација, активности кои го афирмираат домашното творештво и домашните автори, проекти кои подразбираат соработка со врвни уметници и кои презентираат творештво со стилска и жанровска разновидност.
„Програмата е збогатена со сите постојни традиционални фестивали и манифестации кои ќе бидат реализирани под еден белег, „Град на културата 2016 година“. Предвидени се музички манифестации од сите жанрови, традиционална музика и фестивалска промоција на игри, ликовни колонии, драмски фестивали, поетски читања, промоции, изложби и концерти. Во програмата ќе учествуваат уметници од сите генерации и таа ќе содржи активности од сите структури“, се вели во соопштението.
Титулата „Град на културата“ се доделува по 13-ти пат, а минатата година носител беше општина Велес.