Зошто Европа нема свој Гугл или Фејсбук?

shutterstock_200740694[1]

За волја на вистината, Skype е покренат од Данец и Швеѓанин, а Spotify е шведски, ама овие примери се само исклучоци од правилото, што пак го потврдува и Economist, според кој статистиката е прилично немилосрдна кон европскиот претприемачки дух. Во суштина, Европа нема ниту еден онлајн гигант од типот на Google, Е-bay или Facebook. Во голема мера, тоа се должи на фактот што најдобрите и најсјајните европски умови преферираат да емигрираат во „Силициумската долина“ и да ги продаваат своите идеи на американските фирми, отколку да започнат свој бизнис.

Европската комисија настојува да го промени тоа со долгорочен план на реформи и иницијативи, ама ја чека доста работа. Проценките се дека на Европската унија, пред сè, и недостасува култура на преземање ризици и соодветна финансиска мрежа која би овозможила прераснување на малите интернет стартапи во компании што доминираат на глобално ниво.

Успешните компании често настануваат од луди идеи

Мика Бенолиел пораснал во Франција и таму го покренал првиот интернет старт-ап. Сепак, никогаш не ја заборавил авантуристичката атмосфера и оптимизмот во Сан Франциско, каде што студирал во почетокот на 90-тите. Затоа, кога му се родила идеја за нова апликација за смартфоните, се вратил во Калифорнија (во 2011-та), да го оствари својот сон.

„Знаев дека единствениот пат кон промена на светот води одовде“, вели Бенолиел, сега директор на компанијата Open Garden, заслужна за апликацијата за пораки FireChat. Тој истакнува дека во САД, посебно во Силициумската долина, се многу поотворени за секоја луда идеја, додавајќи дека токму такви се почетоците на многу големи компании.

micha-firechat[1]

Европските инвеститори се премногу конзервативни

Во последните пет години, американските „ventur“ компании потрошиле 167 милијарди долари на нови бизнис идеи, додека во Европа – само околу 20 милијарди. Европскиот внимателен пристап кон инвестициите се смета за една од најголемите препреки и едно од нештата кои најтешко ќе се променат. Како што пишува агенцијата AP, ннвеститорите во Европа преферираат да вложуваат во нови компании кои ќе остваруваат приход уште од почетокот. Затоа, многу европски компании од секторот на високата технологија се фокусирани на производи кои можат веднаш да се продаваат и да создаваат профит – индустриска опрема, турбини, брзи возови, медицински уреди и сл.

Од друга страна, интернет компаниите во почетокот немаат никакви или сосема мали приходи. Тwitter и Facebook, на пример, уште од самиот старт беа насочени кон тоа да привлечат што поголем број на корисници. Дури кога станаа глобални „сили“, го свртеа вниманието кон заработка од реклами и други стратегии на остварување на профит.

Европа е престигната и од Азија, која во последниве две години забележа огромен раст на интернет сајтот за малопродажба – Alibaba, со вентур капитал од 22.5 милијарди долари во 2014-та, и со дури 23 милијарди долари инвестирани само до август 2015-тата.

Прочитајте и:  За да ја сруши доминацијата на iPad, Google ги спојува ChromeOS и Android

Инвестициите во раните фази се клучни за стартапите и се предуслов за да можат компаниите што побрзо да го изнесат својот производ на пазарот. Имено, во областа на технологијата, често се случува повеќе конкуренти да работат на иста идеја и буквално да се тркаат кој побрзо ќе го понуди производот пред потрошувачите.

silikonska-dolina[1]

Аналитичарите ја наведуваат и Силицумската долина – како пример на воспоставена заедница на експерти за технологија и вентур инвеститори, заедница во која едните лесно доаѓаат до другите, разменуваат идеи и договараат идни соработки. Но, за создавање на една таква заедница на оние со идеи и оние со пари, потребно е многу време и ефикасна стратегија. Дури ни градовите и регионите од САД не успеваат да го прекопираат успехот на Силициумската долина, со исклучок на Сиетл, каде се наоѓаат седиштата на Amazon и Microsoft.

„Тоа се индустрии во кои сè се случува брзо и во кои победникот носи сè“, вели Ананд Санвал, директор на CB Insights – њујоршка истражувачка фирма која ги следи интернет стартапите.

Сопки на секој чекор

Европската стартап култура ја кочи и фактот што во многу земји, започнувањето на бизнис подразбира многу повеќе папирологија, време и пари, отколку во САД. Како пример се наведува што европската социјална заштита го отежнува отпуштањето на работници, што значи и зголемен ризик во случај на поголем број вработени во моментот на отпочнување на бизнисот.

Плус, европскиот пазар и понатаму е распецкан. Ширењето на бизниси на контитентот има и дополнителни тешкотии заради разликите во законите и јазиците. Од друга страна, компаниите во САД, при стартувањето, добиваат развоен пазар со 320 милиона луѓе кои говорат ист јазик.

Европа планира да го забрза процесот

ЕК има долгорочен план за забрзување на нештата. Од една страна, планира да направи што поединствен пазар низ ЕУ, преку намалување на бирократијата и разликите во прописите кои се однесуваат на бизнисот. Од друга, има цврст став кон доминантните интернет компании, посебно кон Google, со цел да ја поттикне конкуренцијата.

Сепак, експертите велат дека политиката може да помогне, но веројатно тоа нема да биде доволно. „Вистинската вредност доаѓа од поврзаноста на луѓето и фокусот и желбата да се реши реалниот човечки проблем“, смета Данкан Лемб, поранешен софтверски инженер на Нокија, сега дизајн-директор на TransferWise.com – онлајн компанија за финансиски услуги со седишта во Лондон и Талин. „Проблемот е 100% во луѓето“, заклучува тој.

- Реклама -