Луѓето едно зборуваат, а друго прават, а така лажат и за трудот. Ја гушкаат напорната работа и ја опсипуваат со изјави за љубов, а ваму се тркалаат (голи) во кревет со талентот. Ова особено важи за вработувањето: сите навиваат за вредниот работник кој единствено со труд се мачи да мрдне на корпоративната и општествената скала, ама сите се прават наудрени и го вработуваат апликантот со вроден талент и неискористен потенцијал.
Колку и да е задоен западниот свет со концепти како работна етика и американскиот сон и идеали за вистинска меритократија (во кој владее и управува тој што стварно работи и го бива), можност и мотивација – сепак преовладува нашата преференца за талентот и нашата фасцинација од „природните начини“ се провлекува во нашите одлуки и реални избори.
Чиа-Јунг Цај, професорка по менаџмент на Универзитетскиот колеџ Лондон, ја има документирано оваа „пристрасност кон природното“ во повеќе полиња. Пред неколку години, таа и Махзарин Банаџи (психолог на Харвард) побарале од 103 професионални музичари да оценат двајца изведувачи, врз база на пишан онлајн профил и видео-клипови на кои ја свират „Петрушка“ на Стравински. Трикот е што двајцата изведувачи се всушност еден ист човек, со еден профил на кој примарно е изразена работната етика и со друг на кој доаѓа до израз природниот талент.
Претходно, во прашалниците, партиципантите во студијата тврделе дека го ценат трудот и вежбањето повеќе отколку вродената способност. Но, кога дошло време да ги оценат изведувачите, тие му доделиле повисоки оценки на талентираниот музичар, му предвиделе подобри шанси за успех во иднина и го оцениле како подобар избор при вработување од некоја музичка компанија. Пред да си вадите изговори дека овие прашаниве веројатно биле аматери, читајте понатаму: во еден нареден експеримент, Цај и Банаџи нашле и дека старите волци во полето (т.е. искусните музички експерти) го фаворизирале „природниот“ изведувач дури и повеќе од професионалните музичари со помалку искуство – заклучок што е прилично вознемирувачки, особено во контест на работното место, каде ветераните се тие што одлучуваат кој да биде вработен.
Ај, ќе речеш „музика е, нормално е“… И Цај си рекла. Затоа го проширила истражувањето во област во која стремежот, трудот и искуството се нашироко воспевани доблести и каде што успесите од минатото се ценат исто, ако не и повеќе, како и потенцијалот за успех во иднинината: претприемништвото.
Студијата имала слична основа. Партиципантите разгледувале претприемачки профил манипулиран да го истакне вродениот талент (и напорната работа, соодветно), а потоа слушале едноминутен бизнис-предлог, кој бил ист и во двата случаи. И пак, „природниот“ добил повисоки рејтинзи од „вредниот“, и на полето на перцепираниот успех (нивото на талент и подготвеноста на оценувачот да го најми токму него), и на полето на предвидени успеси (перформансите и подготвеноста на оценувачот да инвестира во неговото вработување). И пак, партиципантите со поголемо искуство во бизнисот покажале поголема благонаклонетост кон природниот талент, податок што Цај го толкува како доказ дека „не само што експертизата не штити од пристрасност кон природното, туку експертите се изложени дури и на поголем ризик од благонаклонетост кон природното“.
Цај не застанува таму. Таа решава да провери на колку всушност отстапки е подготвен просечниот потенцијален бизнис партнер или работодавач во полза на кандидатот со природен талент, во однос на оној со повеќе искуство или IQ. Бројките се следните: партиципантите со поголемо бизнис искуство се подготвени да инвестираат 39.000 долари повеќе (не во Македонија, не сонувајте) во кандидатот со природен талент, да прогледа низ прсти на 4.5 години пократко работно искуство и да игнорира разлика од дури 28 IQ поени.
Меѓу другото, Цај смета и дека „природната пристрасност“ не е баш најдобра за бизнисот, ама нема да образложуваме, со цел да не им наштетиме на талентите кои на нашево поднебје и онака претежно завршуваат некаде во камионите за ѓубре.
Останува нејасно дали пристрасноста кон талентот важи и надвор од лабораторијата и колку всушност варира во однос на личните преференци на проценувачот. Сеедно, не заборавајте да се пофалите со некои од вродените таленти кога аплицирате за работа или предлагате бизнис на некој инвеститор, наместо да се фокусирате на посветеноста и подготвеноста на напорна работа.
Во понатамошните истражувања, Цај се надева дека ќе стекне подобар увид во тоа зошто воопшто постои пристрасноста кон природното. Еден од можните одговори, вели таа, е дека луѓето површно го перцепираат талентот како постабилна карактерна особина, поврзана со константен, автентичен и позагарантиран пат кон успехот.
…Пат кој, од перспектива на вредниот работник, премногу личи на кратенка.