Раѓањето на љубовта – најубавиот мит на Платон

origin_of_love_by_psycodelicmuffins

За многумина, говорот на Аристофан во Платоновата „Гозба“ е сметан за едно од најбрилијантните литературни постигнувања на големиот филозоф. Аристофан објаснува зошто луѓето што се „во љубов“ велат дека се чувствуваат „целосни“ и „комплетни“ кога ќе го најдат љубовниот партнер. Пред да го започне говорот, тој ја предупредува групата дека неговата пофалба на љубовта може да е повеќе апсурдна отколку смешна и дека луѓето мораат прво да ја разберат човековата природа пред да можат да го интерпретираат потеклото на љубовта и како тоа ги афектира нивните времиња.

…На почетокот, човечката природа не била како сегашната – машка и женска. Не, туку луѓето се тркалале по земјата како џиновски кугли – имале два пара раце и два пара нозе, имале четири уши, имале две лица на двете спротивни страни на една глава, имале по два полови органи и сé друго било во пар. Постоеле три вида на вакви суштества: едните биле машко-машко и изгледале како двајца мажи залепени еден за друг – тие биле „деца на Сонцето“; другите биле женско-женско и изгледале како две девојки залепени една за друга – тие биле „деца на Земјата“; третите биле „деца на Месечината“, андрогини, и имале дел Сонце, дел Месечина – изгледале како маж и жена завиткани во едно. Овие суштества биле многу моќни и се движеле по земјата многу послободно отколку денешните луѓе. Kога трчале, трчале дупло побрзо, затоа што четирите раце и нозе се надополнувале, како тркало. Луѓето биле среќни, исполнети и горди, и не постоела љубов.

92257-88515[1]

Со тек на време, нивната моќ и гордост ги вообразила, па луѓето тргнале да се искачуваат по планината Олимп со намера да ги нападнат боговите. Иако не претставувале вистинска закана, боговите, бесни и лути, свикале собир за да се договорат како да возвратат и да ја зауздаат човечката вообразеност. Несакајќи да се лиши од нивното обожување, жртви и подароци, Зевс одбил да ги искористи своите молњи за засекогаш да ги уништи, како што тоа го направил со Џиновите, па сковал поинаков план: решил да ги подели луѓето на две половини и да ги направи слаби – така исечени, тие ќе бидат двојно побавни, двојно помалку моќни и двојно помалку самоуверени. Згора на тоа, од секое тело ќе се создадат две, а боговите ќе добијат двојно повеќе и двојно покорисни поклоници. Планот имал и втора фаза, резервна: ако луѓето продолжеле да се однесуваат арогантно, Зевс ќе ги поделел уште на две, оставајќи ги да гледаат низ едно око, да скокаат на една нога и со една рака. Другите Олимписки богови го прифатиле планот, а Аполо бил повикан да помогне во операцијата.

И така, Зевс ги исекол маж-мажот, жена-жената и маж-жената на две. Аполо ја собрал целата кожа, како ќесе, и ја врзал околу еден отвор во средината (папокот). Ги испеглал сите брчки со алат што кондураџиите го користат да ги измазнат брчките на кожата, оставајќи неколку околу пупакот, како лузна што ќе го потсетува човештвото на неговата поранешна состојба. Лицата им ги завртел кон раната, како вечен потсетник на нивната арогантност и побуна и како предупредување за моќта на божјата казна.

originoflove

По операцијата, преполовените суштества трчале наоколу во паника, барајќи ја својата друга половина, а кога ќе ја најделе – меѓусебно се прегрнувале и не се пуштале, обидувајќи се повторно да се спојат и да зараснат во едно. Тие што не успевале да го најдат другото Јас, тонеле во тага и очајување и умирале од глад (затоа што единствено што им била важна другата половина).

Аристофан вели дека кога двајца луѓе што биле разделени ќе се пронајдат, тие не сакаат никогаш повторно да се разделат. Таквите луѓе, нашите други половини, денес ги викаме „сродни души“. Аристофан го смета тоа чувство за загатка, за нешто што е невозможно да се објасни. Ние денес го викаме „љубов“.

Митот на Аристофан е опеан и во прекрасната „Origin of Love“ на Џон Камерон Мичел, напишана за потребите на неговиот филм „Hedwig and the Angry Inch“ (да, препорака е).

- Реклама -