Не мислам, значи постојам

0312ILIN03-web[1]

Во една прилика, Ѓоковиќ и Федерер се најдоа во решавачки полуфинален петти сет, по цели 4 часа извонреден тенис. На Федерер му требаше само уште еден поен. Се подготвуваше да сервира, а публиката не можеше да се воздржи при исчекувањето. На другата страна, Ѓоковиќ само климна со главата, како да беше подготвен на неговата судбина. Федерер сервираше длабоко во десната страна на Ѓоковиќ. Беше сигурен во својот сервис, но веќе во следната секунда се најде на половина пат кон мрежата, беспомошен, изгубен. Новак го врати неговиот сервис со елегантен ретурн со летална прецизност, а Роже немаше ни најмала шанса да го врати. Ноншалантноста на ударот ја воодушеви публиката. Џон Мекинро го нарече „еден од надобрите удари во тенисот на сите времиња“.

Ѓоковиќ победи, а на прес-конференцијата Федерер одвај успеваше да ја заузда лутината. Тешко е да се загуби заради „удар на среќа“, рече тој, продолжувајќи: „На некои играчи едноставно им успева. Губат 5-2 во третиот сет и одеднаш почнуваат да изведуваат невозможни удари… Како може некој да одигра таков удар на меч-поен?“. Ѓоковиќ, пак, на истото прашање, се насмеа: „Да, имам навика да го правам тоа во решавачките поени. Вака или така, работи“.

Федерер неколку години се мачеше да освои Гренд-Слем, а многумина му го препишаа неуспехот на годините. Сепак, експертите сметаа дека се работи за нешто друго, а не за пад во физичката форма – се работеше за ментална „кршливост“ која се појавуваше во клучните моменти. Кажано на американски спортски жаргон, Федерер „се гушеше“. Причината за таквото „гушење“ многумина од аналитичарите го најдоа во „претераното размислување“.

Кога фудбалер ќе промаши пенал, или кошаркар – слободно фрлање, тоа е најчесто бидејќи станува свесен за себе и ситуацијата во која се наоѓа. Прекумерно размислувајќи, тој ја губи физичката флуидност потребна за да успее. Можеби кнедлата што го гушеше Федерер беше резултат на тоа што длабоко во себе тој знаеше дека неговиот противник има пристап до еден друг извор на вештини, до кој самиот Федерер тешко можеше да дојде – немислењето.

***

Немислењето е способност да се примени долгогодишното учење и искуство во клучен момент, преку исфрлање на „јас“ството што мисли – од равенката. Моќта на немислењето не е изразена само во спортот: актерите и музичарите добро го познаваат, а многу големи уметници признаваат дека најдобрите дела им се случиле додека биле во некаков чуден транс. Прекумерното мислење може да ги убие не само физичките перформанси, туку и менталната инспирација. Боб Дилан, присеќавајќи се на својата младост, кога можел да пишува песни без воопшто да се труди, го опишува правењето на „Like a Rolling Stone“ како блувотина долга 20 страни. Тоа не ја спречи песната да биде прогласена за една од најдобрите на сите времиња.

Не на вака драматичен начин, ама истиот принцип важи за секој од нас. Фундаменталниот парадокс на човековата психологија е дека мислењето може да е лошо за нас. Следењето на својата мисла од преголема близина може да доведе до изместување на тежиштето т.е. нашиот внатрешен разговор може да го задуши здравиот разум.

Една студија за купувачки навики покажа дека колку помалку информација имаат луѓето за одреден бренд на џем, толку подобар избор прават при купувањето. Кога им биле понудени детали за состојките, купувачите биле збунети од достапноста на опциите, што на крајот резултирало со избирање на џем што не им се допаѓа.

Ако стаорец се најде во лавиринт во кој храната е ставена на левата половина во 60% од случаите, стаорецот брзо дедуцира дека левата страна е поисплатлива и се упатува натаму секој пат, постигнувајќи 60% успешност. Малите деца ја користат истата стратегија. Кога студентите на Јејл ја играат играта, тие се обидуваат да најдат некоја скриена шема и завршуваат со полоши резултати од стаорците или децата.

***

Едноставно, препаметноста (често) знае да ни наштети.

Дозволувајќи си да ги следиме нашите инстинкти, добиваме пристап до еден вид на компресирана мудрост. Психологот Герд Гигерензер сугерира дека голем дел од нашето однесување е базирано врз софистицирани одлуки донесени „на тепка“ т.е. врз база на хеуристика. Робот програмиран да брка и фати топка ќе мора да реши серија на комплексни диференцијални равенки за да ја следи траекторијата на топката. Од друга страна, бејзбол играчите тоа го прават преку инстинктивно следење на едноставни правила: трчај во правата генерална насока и прилагоди ја брзината за да одржиш константен агол помеѓу окото и топката.

За да носиш добри одлуки во комплексен свет, вели Гигерензер, мораш да си вешт во игнорирање на информации. При еден експеримент увидел дека берзанските акции избрани од луѓе што ги прашувал на улица поминале подобро од оние избрани од експерти. Обичните луѓе ја користеле „препознавачката хеуристика“: ги избирале компаниите за кои имале слушнато, што се покажало како подобар водич кон индните успеси отколку анализата на цените и стапката на профит.

Истражувачите од Бизнис-школата Колумбија, спроведоа експеримент во кој луѓето беа прашани да предвидат низа исходи, од разни полиња – од политика па до победникот на „Американскиот Идол“. Се покажало дека оние што во поголем дел му верувале на своето „шесто чуло“ направиле попрецизни предвидувања од оние другите. Резултатот, меѓутоа, важел само во случаите кога партиципантите имале некакво претходно знаење.

Последнава поента е од витално значење. Немислењето не е исто со незнаењето. Не можеш нешто да „одмислиш“ ако никогаш не си го помислил. Ѓоковиќ успеа да ги изведе неговиот супер-удар само затоа што има играно илјадници варијации на истиот, на претходните мечеви. „Повраќаниците“ на Боб Дилан се резултат на долгогодишна љубов и познавање на народните песни, француската поезија и американските легенди.

***

Колку е поголем влогот, толку повеќе прекумерното мислење е проблем. Ед Смит, крикет играч, користи аналогија на одење по работ на тротоар: лесно е и го може секој, но ако наместо улица има стометарска провалија, секој чекор станува огромен предизвик. Во професионалните полиња кои бараат високи перформанси, најчесто се постарите и поуспешните учесници тие што најмногу „се гушат“, делумно заради тоа што очекувањето дека ќе победат (на публиката, и нивното) им создава дополнителен притисок. Оперска пејачка не може да си дозволи да размислува како да ја подобри техниката додека пее арија пред многубројна публика во огромна концертна сала. Федерер, пак, во решавачките поени, може да се почувствува како да чекори на работ на својата репутација.

Професорот Клод Стил, од Стенфорд, ги проучува ефектите на анксиозноста околу перформансите на академските тестови. Подложува група студенти од белци и афро-американци на тест, за кој им кажува дека ја мери интелектуалната способност. Афро-американците имаат полоши резултати. Потоа Стил го дава истиот тест на друга, одделна група со ист состав, кажувајќи им дека се работи само за подготвителна вежба. Јазот во успешноста значително се намалува. Успешноста во американското образование, во случајов, има комплексни причини, но една од нив е веројатно тоа што бистрите афро-американски студенти сметаат дека ја претставуваат целата нивна етничка група, што води кон тоа да претераат со мислењето.

Како да научиш немислење?

Дилан смета дека креативниот импулс мора да биде заштитен од самоанализа: „Како што старееш, стануваш попаметен, а тоа може да те ограничи… Мораш да го програмираш мозокот да не размислува премногу“. Некои писатели ќе речат дека мора да сме „калкулирано глупави“ за да можеме да пишуваме.

Се чини дека единствениот ефикасен лек за прекумерното размислување е уживањето – нешто што и успехот и анализата можат да го сведат на минимум. Искусните атлети и уметници често се жалат дека изгубиле контакт со она што ги натерало воопшто да го прават тоа што го прават. Мислењето за тоа нешто е бледа копија од самото уживање.

Живееме во ера на интроспекција и самокритика, анализирајќи го секој аспект од нашето делување, постојано изложувајќи се на онлајн микро-критика на социјалните мрежи, истовремено читајќи куп статии што не форсираат да го најдеме одговорот на прашањето „што нé прави среќни?“. Сé е тоа супер, ама мораме да го ставиме мислењето каде што му е местото. Ретурнот на Ѓоковиќ е кулминација на долгогодишниот труд, но воедно и експресија на безгрижно уживање. Вака или така – работи.

- Реклама -