Фановите на видео игрите често аргументираат дека часовите поминати пред монитор и со џојстик во рака не се потрошено време, а во многу аспекти се и во право. Студиите покажуваат дека видео игрите се поврзани со зголемена „флуидна интелигенција“, како и со бројни други мозочни бенефити.
Не сите се убедени во корисноста на Halo или Mario Kart, но тоа не го спречува државното средно училиште Garnes (во Берген, Норвешка), од август, да воведе часови по е-спортови. Со воведувањето на е-спортот како изборен предмет, на видео игрите им се дава подеднакво значење како и на традиционалните спортови т.е. предметот по физичко. Програмата ќе биде достапна за околу 30-тина ученици, кои пет часа неделно во текот на 3 години ќе учат како да тепаат во Dota, LOL или Counter Strike.
Но, учениците нема едноставно да седат пред компјутер и да играат видео игри додека се на час. Иако гејмерските вештини се од голема важност, предметот ќе вклучува и 90-минутни физички тренинзи дизајнирани да ги подобрат рефлексите, силата и издржливоста т.е. физичките вештини и атрибути со кои одличниот гејмер отскокнува од просечниот. Класот ќе биде поделен: 15 ученици ќе играат, додека другите 15 ќе имаат физички вежби. Ќе се оценува знаењето на учениците, перформансите, вештината и комуникацијата, а ќе се оценува и тимската работа и тактиката.
Училиштето ќе има специјална просторија, опремена со гејмерски столици и напредни компјутери со одлични и скапи графички карти (Nvidia GeForce GTX 980Ti), со тоа што учениците ќе си носат свои мауси, тастатури и слушалки, со цел секој да ја користи опремата што ја преферира.
Уште не е решено кои игри ќе се изучуваат, но во игра се Dota 2, League of Legends, Counter-Strike: Global Offensive и Starcraft II.
Со ова, училиштето се придружува на еден растечки тренд на сериозно сфаќање на видео игрите и тимските е-спортови, а со тоа им излегува во пресрет на учениците кои преферираат да бидат професионални гејмери, наместо да учат.