На 7 јануари 2015 двајца маскирани напаѓачи отворија оган во уредништвото на сатиричниот неделник Шарли Ебдо во Париз, убивајќи 12 лица.
Масакрот, во кој беа убиени главниот уредник на неделникот Стефан Шарбоние, заедно со уште четворица цртачи, тројца уредници, чувар, гостин во редакцијата и двајца полицајци беше сфатен како напад на слободата на говор.
Се верува дека контроверзните карикатури на пророкот Мухамед објавени во неделникот биле главен мотив за смртоносните напади.
Трагичните настани беа почеток на една мрачна година на терористички напади и закани ширум Европа и светот.
Нападите беа осудени насекаде, а луѓето излегоа на улиците изразувајќи солидарност со жртвите.
Уметникот Жоаким Ронсан е автор на слоганот „Јас сум Шарли“ кој веднаш беше прифатен низ светот како симбол за израз на слободата на говор и слободата на печатот.