Исус во Исламот

Gerard_van_Honthorst_-_Adoration_of_the_Shepherds_(1622)

Многумина не знаат дека Исус е многу важен, и многу ценет – и во Исламот.

Во Исламот, Исус е познат како Иса. За муслиманите, тој е спасител, реформатор, месија, Божја Реч, тој е подигнат на небото. Тој што не верува во Исус не е сметан за муслиман, бидејќи тој што не верува во еден од гласниците – не верува во ниту еден од нив.

Еве уште неколку нешта што го опишуваат местото на Исус, како и неговата мајка, во Исламот.

1. Исус, Марија и архангел Гаврил – сите ги има во Куранот (како и Адам, Ное, Аврам, Мојсеј и други библиски ликови)

2. Муслиманите веруваат дека Исус (на арапски „Иса“) бил божји пророк, бил роден од девица (Марија) и дека ќе се врати на Земјата пред Судниот ден, за да ја врати правдата и да го порази „ал-Маси ад-Даџал“ т.е. „лажниот месија“, познат како Антихрист.

3. Во Куранот има цело поглавје посветено на Дева Марија (на арапски нарекувана „Мерјем“). Тоа е единственото поглавје во Куранот насловено според женска фигура. Всушност, Марија е единствената жена што се спомнува по име во целата света книга на муслиманите – другите женски фигури се идентификувани само според нивната релација со другите, како жената на Адам и мајката на Мојсеј, или по нивната титула, како Кралицата на Шеба. Згора на тоа, Марија е спомната повеќе пати во Куранот отколку во целиот Нов Завет.

4. Како и во случајот со другите пророци, вклучувајќи го и Мухамед, муслиманите рецитираат „Мирот нека е со него“ секогаш кога се споменува Исус.

5. Муслиманите, исто така, веруваат дека Исус правел чуда. Куранот зборува за неколку од нив, вклучувајќи го давањето на вид на слепите, лечењето на лепрозните, воскреснувањето на мртвите и вдахнувањето на живот во глинени птици.

Прочитајте и:  Црква во Швајцарија инсталираше Исус со вештачка интелигенција

Тоа се гледа во следните зборови на Возвишениот, според : „Кога Аллах ќе каже: ‘ О Иса, сине Мерјемин, сети се на благодатта Моја кон тебе и кон мајката твоја: кога со Џибрил (Гаврил) те помогнав, па со луѓето уште од колевка и како зрел маж разговараше; и кога на писменост и на мудрост, и на Тевратот и на Инџилот те научив; и кога со волјата Моја од глина направи нешто како птица и вдахна, и кога таа со волјата Моја стана птица; и кога со волјата Моја од раѓање слеп и лепрозен исцелуваше; и кога со волјата Моја мртвите ги креваше; и кога од тебе синовите Израилови ги одбив, кога јасни докази им донесе, па тие меѓу нив кои не веруваа-викнаа: ‘Ова не е ништо друго туку вистинска магија.’ “ (Ел Маида 110).

6. Приказната за раѓањето на Исус, како што е раскажана во Куранот, е и приказна за неговото прво чудо – зборувал како возрасен маж уште додека бил бебе, додека бил во лулката, кога се самопрогласил за божји пророк.

7. Создавањето на Исус:

„Таа (Мерјем) рече: ‘Господару мој, како ќе имам дете кога ниеден маж, навистина, не ме допрел?’ Он рече: ‘Ете, така Алах создава што сака: кога нешто ќе реши, само ќе рече: ‘Биди!’- и тоа, токму, бива.’“ (Kуран,3:47)

„И онаа која си ја сочува девственоста своја, во неа вдахнавме од духот, созданието Наше, и одредивме да бидат, таа и синот нејзин, знамение за световите.” ((Kуран,21:91)

- Реклама -